Во Општина Илинден свечено беше отворено Државното првенство во женски фудбал и футсал за основни училишта, во организација на Училишниот спортски клуб „БРАМИЛ“, Сојузот на училишен спорт Илинден, Федерацијата на училишен спорт на Македонија и Општина Илинден.
На првенството учествуваат осумте најдобри училишни екипи од државата, кои преку регионалните натпреварувања обезбедија пласман на завршниот турнир.
Претставници на Општина Илинден, заедно со претставници од училиштата и спортските организации, им посакаа успех на сите учесници и истакнаа дека ваквите спортски манифестации имаат големо значење за развојот на училишниот спорт, спортскиот дух и промоцијата на здравите животни навики кај младите.
Општина Илинден на државното првенство ја претставуваат ООУ „Браќа Миладиновци“ како првак на Скопскиот регион во женски фудбал и ООУ „Ристо Крле“ како првак на Скопскиот регион во женски футсал.
Денес се одигруваат натпреварите во женски фудбал на фудбалскиот терен во Илинден, додека натпреварите во женски футсал ќе се одржат утре во спортската сала „Гоце Делчев“ во Илинден.
Со организацијата на овој значаен спортски настан, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон развојот и поддршката на училишниот спорт и младите спортски таленти.

