Општина Илинден продолжува со континуирани вложувања во унапредување на комуналната инфраструктура и модернизација на механизацијата на јавните комунални претпријатија, со цел обезбедување поквалитетни и поефикасни услуги за граѓаните.

Во таа насока, за потребите на ЈКП „Илинден“ е набавена нова градежна машина за извршување на повеќе комунални активности на територија на општината. Со новата механизација значително ќе се подобри квалитетот и ефикасноста при уредување на јавни површини, мулчирање, одржување на каналската мрежа и патните правци, како и при утовар на отпад од претоварните станици, утовар на отпад од еко острови и расчистување на растителен отпад од времени одлагалишта.

Станува збор за втора ваква машина во сопственост на ЈКП „Илинден“, при што првата беше набавена во 2023 година, што претставува потврда за континуираното вложување во модернизација и зголемување на капацитетите на претпријатието.

Увид на новата градежна машина изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека со секоја инвестиција во механизација и опрема, локалната самоуправа директно вложува во поквалитетни услуги за граѓаните и поефикасно функционирање на комуналните претпријатија.

Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со вложувања во комуналната инфраструктура и техничката опременост на ЈКП „Илинден“ и ЈКП „Водовод“, со цел обезбедување подобри услови за живот и поквалитетни услуги за сите граѓани.