Учениците и наставниот кадар од ООУ „Гоце Делчев“ и оваа година со достоинство и почит го одбележаа патрониот празник на училиштето и 123-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Одбележувањето започна со традиционално положување свежо цвеќе пред бистата на патронот, со што симболично беше оддадена почит кон неговото дело и придонес во борбата за слобода. Свежо цвеќе положи делегација од Општина Илинден, предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, директорката на училиштето, како и директорите на општинските основни училишта, средното училиште и детската градинка, претставници од сојузот на борци и бројни граѓани.

Во рамки на свечената програма, учениците реализираа богата културно-уметничка содржина, во која беа опфатени музички точки, литературни интерпретации и драмски изведби инспирирани од животот и идеалите на патронот. Со ваквите активности, училиштето уште еднаш ја потврдува својата посветеност во негување на историското наследство и промовирање на вредностите на слобода, знаење и почит, со што се надоврзува и заложбата на Општина Илинден за континуирана поддршка на образовните институции и негување на културното и историско богатство.