Општина Илинден успешно ја спроведе првата акција за ларвицидна дезинсекција за 2026 година во рамки на „Програмата за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести“.

Согласно елаборатот за превентивна дезинсекција, извршено е третирање на водните површини со цел уништување на ларвите од комарци и намалување на ризикот од појава на вектор-преносливи заболувања.

Со акцијата беа опфатени сите водни површини на отворените одводни канали: главни, секундарни и терцијални, како и речното корито на Сува Река и вештачката акумулација во Бучинци, при што беше третирана вкупна површина од 50 хектари.

Дезинсекцијата е спроведена со еколошко средство кое е безбедно за здравјето на граѓаните и е одобрено од надлежните институции. Со оваа мерка се обезбедува навремена превенција и заштита на јавното здравје, особено во периодот на зголемена активност на комарците.

Во текот на годината е планирана уште една ваква акција, со цел континуирано намалување на бројот на комарци и дополнителна заштита на населението.