Општина Илинден, и оваа година објави Јавен повик за спроведување на бесплатни агрохемиски анализи на обработлива почва, во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) од Скопје. Целта на Јавниот повик е да се унапреди и да се прошири земјоделската дејност во Општина Илинден, со цел да се поттикне развој на земјоделството и подеднакво да се поддржат сите индустриски гранки.
Како што истакна градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски, анализите се целосно бесплатни и ќе бидат извршени од страна на стручни лица од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ). Резултатите од овие анализи ќе им овозможат на земјоделците точни информации за квалитетот на почвата, што е од суштинско значење за правилно ѓубрење на културите и подобрување на приносите, како и за постигнување на подобар квалитет на производите и намалување на загадувањето на почвите.
Овој проект како дел од Стратешкиот план за развој на Општина Илинден 2022-2026 се спроведува континуирано со цел да се опфатат повеќе земјоделци и да се добијат подетални информации за квалитетот на земјиштето на целата територија на Општина Илинден.
Оттука, ги поттикнуваме сите земјоделци што живеат на територијата на Општина Илинден да поднесат пријави со прилог копија од лична карта и имотен лист за катастарската парцела на којашто сакаат да се изврши испитувањето, во архивата на Општина Илинден, во периодот од 17.03.2025 заклучно со 31.03.2025 година.
Ве охрабруваме да се пријавите што поскоро, имајќи предвид дека изборот се врши по принципот „Прв дојден, прв услужен“.
За повеќе информации, заинтересираните земјоделци може да се информираат на официјалната веб страна или во просториите на Општина Илинден.
Прилог: Повик (PDF формат)

