Prijavi problem

Новогодишно обраќање на градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски

Објавено на: 13.01.2017 - 15:35

Новогодишно обраќање на градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски

 

Инвестициските патишта водат кон Општина Илинден

 

Почитувани сограѓани,

Прагот на новата 2017 година е период кога треба да се направи пресек на сработеното во изминатата 2016 година, да се сумираат резултатите за тоа што од планираното е реализирано, да се даде отчет пред Вас почитувани сограѓани, за тоа што направивме во 2016 година за Општина Илинден да биде подобро место за живеење, место со  подобри услови за стопанисување, подобри услови за образование, за одржлив економски развој, повисок  животен стандард и поквалитетен живот на населението.

Иако бевме соочени со голем број сериозни предизвици, многу ограничувања, со оглед на тоа што се наоѓавме во период на парламентарни избори, зад нас е уште една година што ја одбележаа многу активности, период во кој успеавме да го реализираме најголемиот дел од планираното. Реализиравме голем број на капитални проекти кои Вие почитувани сограѓани ги дефиниравте. Сето ова не ќе можевме да го сториме без Вас, без Вашата поддршка, за што искрено Ви се заблагодарувам.

Искористувајќи ги сите наши располжливи потенцијали, искуства, знаења и капацитети во соочувањето со предизвиците, во изминатата година целосно се насочивме кон реализација на предвидените проекти, со цел обезбедување на одржлив економско-социјален рамномерен развој и просперитетна иднина на жителите во сите 12 населени места во Општина Илинден.

Исполнително, посветено и одговорно континуирано создаваме услови за влез на нови инвестиции. Токму како резултат на спроведувањето и реализацијата на реален и ефективен концепт за овозможување поволни услови за влез на нови инвестиции, продолжи инвестицискиот циклус карактеристичен за Општина Илинден.

 

Показател, индикатор за одржлив Локален економски развој (ЛЕР) во Општина Илинден претставува изградбата и пуштањето во употреба на нови производствени погони, кои во континуитет креираат нови, реални, слободни работни места. Ова е тоа што ми дава сигурност и ми влева верба, дека делуваме денес за  потребите на генерациите што доаѓаат, делуваме денес за одржлив локален економски развој, за потребите на стопанството, обезбедувајќи предуслови за поквалитетен живот.

Благодарејќи на оптималното искористување на ресурсите и можностите, од 2008 година до денес во Општина Илинден реализирани се 180 инвестиции, од кои 33 странски директни инвестиции (СДИ), а невработеноста која во 2008 година изнесуваше 38 %,  денес изнесува 6 %.

Интензивно работевме на обнова на патиштата, на реализацијата на капиталниот проект за  Подобрување на локалната патна инфастурктура, изградба, санација, реконструкција и рехабилитација на општинските улици и патишта, кои се протегаат на должина од 275 километри низ целата општина, како и Подобрување на инфраструктурата во локалните економски зони и стопанските комплекси.

Зголемувањето на безбедноста во сообраќајот е еден од приоритетите на Општина Илинден. Во таа насока, во делот на безбедноста на пешаците и велосипедистите како учесници во сообраќајот Општина Илинден континуирано инвестира во изградба и реконструкција на пешачки и велосипедски патеки. Во рамките на реализацијата на овој проект изградени се вкупно 15 километри пешачки и велосипедски патеки, патеки за спортување и рекреација, како и 7 нови мостови, од кои 6 пешачки.

Во делот на заштита на животната средина, во рамките на проектот за изградба на систем за прифаќање, третман и одведување на отпадните фекални води од домаќинствата и од стопанските објекти, изградивме 4 сегменти од фекалната канализација со 4 пречистителни станици во 3 населени места, кои опфаќаат 1.400 домаќинстваодносно 5.000 жители.

Во насока на подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните на Општина Илинден презедовме  обврски и надлежности кои не се директно во доменот на локалната самоуправа. Општина Илинден е прва и единствена локална самоуправа што реализираше проект од областа на здравството. Изградивме и пуштивме во употреба нов објект на Амбуланта во Миладиновци, која опфаќа 4.500 жители од 6 населени места: Миладиновци, Бујковци, Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци и извршивме уредување на просторот околу амбулантата во населба Илинден.

Создавајќи услови за просперитетна иднина на населението и заедницата, во делот на детската заштита, со цел зголемување на капацитетот за згрижување на деца од предучилишна возраст, им излеговме во пресрет на потребите на граѓаните  изградивме нов дел и ја проширивме деската  градинка „Гоце Делчев“, која сега има капацитет за згрижување на 400 дечиња.

Континуирано работевме на обезбедување поволни услови за развој и за унапредување на културата која е белег на нашето постоење и значаен симбол на идентитетот на секој  народ. Во таа насока, во 2016 година изградивме два нови домови на култура во населените места Марино и Миладиновци, со што денес жителите на сите 12 населени места во Општина Илинден имаат свој простор за општествено делување, а го реализиравме и уникатниот, единствен и оригинален проект „Галерија на отворено“, кој опфаќа уредување на Домот на култура „Илинден“.

Како дел од Проектот за чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали во Општина Илинден, во 2016 година исчистени се 60 километри од каналската мрежа, што е за 14 километри повеќе од планираните 46 километри за оваа година.

 

Почитувани сограѓани,

Подобрувањето на квалитетот на живеење и животниот стандард на  жителите од сите дванаесет населени места: Илинден, Марино, Кадино, Мралино, Миладиновци, Дељадровци, Бујковци, Мршевци, Текија, Бучинци, Бунарџик, Ајватовци, преку реализацијата на значителен број проекти, претставува наша заедничка определба. Убеден сум дека со Ваша поддршка и доверба успеваме да ја реализираме визијата: Општина Илинден да прерасне во урбана, атрактивна и конкурентна општина во регионот и пошироко, со создадени услови за одржлив економски и социјален развој, како и квалитетен живот на сите граѓани.

 

Остави коментар

Податоците од ова поле нема да бидат никаде јавно објавени.
  • Адресите на web страниците и e-mail адресите автоматски се претвораат во линкови.
  • Автоматско додавање на нов ред.
  • You may use [swf file="song.mp3"] to display Flash files inline

Повеќе информации во врска со опциите за форматирање

Image CAPTCHA
Внесете ги карактерите прикажани на сликата.

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

Водици 2017 во Општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013