Prijavi problem

Литературна е-Манифестација „Илинден 2020“

Published on: 27.05.2020 - 07:07

 

Почитувани читатели, добредојдовте на 21-вата, но истовремено и првата Литературна Е-манифестација „Илинден 2020“. Се надевам дека вие и вашите блиски сте безбедни во овие необични времиња и ве повикувам да одвоите дел од вашето време минувајќи со стиховите за душа испеани од учесниците.

Поради актуелната ситуација и забраната за организирање на јавни собири, овогодинешната манифестацијата ќе има поинаков облик, со цел да се подигне  и одржи духот на љубителите на поезијата. Литературната Е-манифестација „Илинден 2020“ општина Илинден за првпат ја организира во ваков облик, ова е можност за нас, нашите достигнувања  и нашите потенцијали во сферата на македонската литературата и книжевноста да ги претставиме пред пошироката јавност и да се прилагодиме на светските трендови.

Во месецот мај, општина Илинден живее во звукот на поезијата преку Литературната манифестација „Илинден“ која порасна во манифестација која 20 години по ред  на едно место ги собира најеминeнтните писатели од нашата држава и странство. Настан со посебна естетска вредност кој се одржува во насока на промовирање на современите културни достигнувања и негување на културата и културните вредности преку приближување на пишаниот збор до поголем број читатели.

Можеби „нема да нè има“ како до сега во Домот на културата Илинден и стиховите оваа година нема да одекнуваат оттаму, туку тие директно ќе се излеваат во вашите домови преку веб страната на Општина Илинден (www.ilinden.gov.mk).

„...Срцето човечко било бунар: само се полни не се преполнува“ ќе напише Петре М. Андреевски.  Да ги наполниме нашите срца со убави стихови!

Убедени сме дека преку Литературната е-манифестација „Илинден“ се остварува нашата намера да ја приближиме книгата до секој поединец, книгата да стане дел од животот на секој од нас. Пред се, затоа што со секоја прочитана книга стануваме побогати со нови знаења, нови искуства, нови идеи, нови вредности.

Горди сме што токму Литертурната манифестација „Илинден“ изминатите години беше место за афирмација на многу млади автори. Успавме да го доближиме пишаниот збор до граѓаните, особено до најмладите, до нашата иднина. Задоволни сме што успеавме да изградиме мост меѓу домашните и писателите од странство при што размената на искуства е дргоцена за сите нас.

Овие успешни резултати на Литературната манифестација „Илинден“, се ваши резултати почитувани писатели, поети, литературни критичари, уметници, мои сограѓани, претставници на бизнис секторот, ученици, младинци, професори, кои со вашето учество се втемеливте во оваа културна манифестација чии плодови, убеден сум дека ќе ги уживаат и идните генерации.

Ја користам можноста да им искажам голема благодарност на сите оние што придонесоа Литературната манифестација „Илинден“ да го стекне угледот и реномето што го има денес. Искрена благодарност до писателите, поетите, доајени на пишаниот македонски збор кои што ја одржуваа  литературната манифестација. Благодарност до Друштвото на писателите на Македонија, кое даде драгоцен придонес оваа манифестација денес да биде една од престижните во земјата и регионот. Благодарност до младите автори кои се иднината на македонската поезија и проза, благодарност до сите досегашни учесници од соседните земји, до сите посетители на оваа манифестација, до сите жители и пријатели на Општина Илинден, до сите, што на било кој начин ја забогатија и станаа дел од историјата на оваа манифестација.

Се гордеам што благодарејќи на вас општина Илинден е центар на културата во нашата земја и регионот, центар на македонската и балканската поезија. Тоа е уште една потврда за вредностите што ги создадовме заеднички.

Ве оставаме да уживате во пишаниот збор на македонските поети и писатели, поетите од странство, на младите автори, и ученици од основните училишта.

Жика Стојановски, градоначалник на општина Илинден

 

 


 

Поетски митинг „Стихови за душата“

Круната на манифестацијата ја сочинуваат реномираните поети од земјава и странство. Нивното творештво е богато, плодно и докажано. Нивните најнови стихови се интерпретирани на Литературната манифестација „Илинден“. Тие оваа манифестација ја доживуваат како храм на поезијата. Чест и за нас, како организатори, е што поетите со радост и задоволство земаат учество на нашата манифестација години наназад. Нивната поезија прави во воздухот над општината Илинден, во просторот на државата и поширокиот регион, овој период  да лебдат облаци од стихови и 21 година по ред создаваат една убава поетска симфонија.

 

Проф. д-р Кристина Николовска

Литературен критичар, есеист, оратор, антологичар, поетеса и универзитетски професор.

ИМАЈТЕ ИСТ ВЕК СО СОНЦЕТО!

(Анте и Македонија. Македонија и Анте.)

Вечерва,
во свечениот ни конак,
дојдовме со сакрална почит,
но и чиста тишина понесовме со себе, оти
вечерва – името ќе му го споменеме,
вечерва – гласот ќе му го чуеме,
вечерва – ќе не поучи тој,
вечерва – и тишините со него ќе ги споделиме како леб,
вечерва – ќе се соочиме со неговиот завет.

И на небото му кажа за Македонија
И на ѕвездите им шепна да ни се најдат
И на историјата на светлината и раскажа за нас
и очите и ги виде и таму не запиша
и каде ли се не не одведе големиот Анте,
та да не прослави со словото ни?!

Ноќта е тајна врска со незнајното...
Ноќта е сестра на тајните...
Ноќва, ноќта е океан од Анте
оти насекаде како Сина птица разлетан му е стихот,
и сите камбаани на сознанието ќе одекнат ноќва,
а нашите грла се потресни камбаани,
кои низ крик и низ болка го бараат него...

Генијалниот Анте...
Колосалниот Анте Поповски...
Џин на мислата и на стихот...

И кога пееше за нашите дедовци кои:

Оделе облечени во Орфејски одежди
и им пееле на своите потомства
Да не би да го надживеете,
и да не би да ве надживее -
Имајте ист век со сонцето

всушност нам не благословеше, потомците свои.

„Да не го надживееме сонцето“ –
е благопожелба да не живееме во темнина и студ.
Секој саме.

„Да не не надживее сонцето“
– е благословение кон сонцето да не самее тоа, без нас.
Како библиски народ,
како народ со „толку многу згуснато историско време“.

Та тој со сонцето не рамни, нас, недостојните му,
тој што најубаво го „читаше“ и „преведе“
ракописот на нашите страдалнички солзи,
тој што семето и словото и јазикот ни –
ги извиши на највисоко, кажувајќи пред сиот свет дека:
„Нема ништо поголемо од големиот македонски јазик.“


 

Христо Петрески

Претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија.

МОЈОТ (МАЈЧИН) ЈАЗИК

личен јавен (про)глас

Мојот јазик не е само мајчин
Туку и татков, братски, сестрински
Но и бабин, дедовски и прадедовски
Затоа не давам никој да ми го погани

А не дај Боже некој да посака да ми го откорне
Тој има толку длабок и цврст корен
И тоа од двете страни: dorsum linguae (горната)
И facies inferior linguae (долната)

Мојот јазик не служи само за голтање
Ниту за подголтнување и премолчување
Ниту за нечујно читање, зборување и пишување
Туку пред се за гласно и јавно говорење

Мојот македонски јазик има сложена градба
Со многу именки заменки членови придавки глаголи
И точно знае што е слатко солено кисело горчливо
И умами (јапонски израз за вкус на натриум глутаминат)

Секој личен јазик има префинета и единствена анатомија
Но подалеку од странични игли и бесрамна лоботомија
Мајка ми полека но сигурно веќе се спојува со црната земја
А јазикот мој и наш се шири како мирис од кандило и темјан!


 

Ефтим Клетников

Поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач.

ТУЃИНЕЦ

Пред нашата врата стои
туѓинец со смрзнат сурат.
Не носи вино и пламен
тој во бокалот,
туку пепел.
И молчи прагот сит од болка
ни дава знак да останеме дома.
А ние треба да излеземе
за да крстиме и венчаме,
да го поставиме во светлина,
темелот на името
и да го закрепнеме
со благослов и песна.
Не чека со столетија
Света Богородица во олтарот
и сакаме да го изговориме
за себе името
на работ од усните,
ама зборот се заглавил меѓу непцата
и расте молкот како карпа
за да ја потпре вратата
пред темниот наум на туѓинецот.


 

Проф. д-р Милан Јазбец, Словенија

Професор, писател, новинар и Амбасадор на Република Словенија

На Општина Илинден ѝ честитам за веќе 21 Литературен меѓународен фестивал  и се заблагодарувам што веќе по третпат можам да учествувам со свој литературен придонес. Првата песна Ми недостасуваат (силно) е од збирката Сјајна ѕвезда со лавовска грива, која годинава беше објавена на седумте јазици што се зборуваат во македонското општество. Втората, Само да, е од збирката „Песни од самоизолација“, кои ќе бидат објавени во три книги во текот на летото годинава, а објавените песни настанаа во времето на кризата со коронавирусот.

Препев и превод: Викторија Блажеска и Соња Должан

(Словенечки - Македонски превод)

Samo da

tole
mine
da
teh nekaj
sto metrov
med nama
izgine
in spet
bova eno vse
midva sama
en poljub
objem
vulkan
dih šepet
trepet
sla
ena sama
mehka
nežna
nasmejana
zasanjana
v enem
midva
ko tole
mine
spet
ena kapljica
midva
vroča.

Само да

мине
ова
овие неколку
стотици метри
меѓу нас двајца
да ги
снема
и пак
ќе бидеме една целина
ние двајца сами
еден бакнеж
прегратка
вулкан
здив шепот
трепет
повтеж
една целина
меки
нежни
насмеани
занесени
во едно
ние двајца
штом ова
мине
пак
една капка
врела
ние двајца.

 

Pogrešam
silno
ta
ramena
čvrsta trdna
vzdržljiva
te
roke
hrapave
močne
prepletene
te
oči
dobrodušne
velike
otožne
te
sence
očetovih
korakov.
Ми недостасуваат
силно
оние
рамења
цврсти моќни
издржливи
оние
раце
рапави
силни
испреплетени
оние
очи
добродушни
големи
меланхолични
оние
сенки
на татковите
чекори.

 


 

Славка Арсова

Поет и писател за деца

Покана

Другарче,
дојди во мојата земја,
не е важно од каде си
и што си.
Македонските убавини
ќе те пречекаат
од чист извор
студена вода ќе ти дадат
да се напиеш,
топол леб од родно жито
ќе ти дадат да каснеш,
сок од зрели плодови
снагата да ја закрепнеш.
Со насмевка ќе ти речат
македонска песна да запееш,
наше оро да заиграш.
Другарче, дојди во мојата земја,
љубовта наша ќе те стопли,
ако во срцето ти е студено!


 

Стојан Тарапуза

Поет и писател за деца

ТОА  МЕСТО

Ах, го сакам тоа место
кај песните ѕунат лесно,
кај птиците в љубов горат,
кај тревките в занес зборат,
кај небото –тоа чело,
си лулее сонце бело.

Ах, го сакам тоа место ,
тоа место што се ѕвезди,
во песнава што се гнезди,
низ спомени што се гласи,
со убости што ме краси.

Ах, го сакам тоа место,
в сон навраќам таму често
и секогаш, дете мое,
пронаоѓам нешто свое.


 

Паскал Гилевски

Поет, раскажувач, романисер, есеист, критичар и преведувач

НАШАТА КУЌА

Триесет години под катанец е нашата куќа

и никој во неа не може да влезе,

да влезе и да излезе.

Само понекогаш две птици, мислата и сонот,

во препала и јадосано

влетуваат низ проѕирките и баџите

што ги направило отсутното време,

и се уште го одржуваат старото Гнездо,

пердувот на заборавота кајшто ѕемне,

залудно и штуро тешејќи ме мене.


 

Наум Попески 

Писател, поет за деца , преведувач и публицист

САМО ДОМА СИ Е ДОМА

Сум видел градови многу
убавини како од сказни,
паркови, булевари
и други убавини разни.

Њујорк, Лондон и Париз,
Темза, Сена и Рона,
но било каде да одам –
родното место го сонам.

Сум бил и во Венеција
седнат на гондола стара,
но моето срце и таму -
родното место го бара.

Музеи прекрасни гледав
убави како во рај,
но нигде поарно не е –
од мојот роден крај.

Светот е полн со убавини
чудесни, ум да ти зајде,
но како родното место –
никаде нема да најдеш.

Добро е сегде да појдеш
во секое место да свратиш,
но сепак најсреќен ти си –
дома штом ќе се вратиш.


 

Љерка Тот Наумова

Македонска и хрватска поетеса и преведувач

 

USKRŠNJA NOĆ

Mirišeš na posljednju laticu.

Presječen korijen te obuzima.

Zaveden od potonulog vala –

rumenilo žita kao potpora – miluješ ga.

Po rubu Neba –

iskorjenjuješ uhvaćenu Boževinu.

Prstenuješ nezaustavljenu plimu –

užareni kamen mrviš.

Kakvo tajanstvo nosiš

ispod tereta samoće?

Nesagorjela Uskršnja Noć –

Sveti plam – krštenički začetak.

Svjedok izbrisane mrlje.

Vapaj zaboravljenih vrtloga -

milozvučna javljanja

Šutnja – progonstvo.

Dan-danas, bez daha se valja pljusak –

u zametku.

U More Srce donijeh

More ne stari – ljubi.

More ljubi...

Ljubi...

ВЕЛИГДЕНСКА НОЌ

Мирисаш на последна цветна латица

Пресечен корен те обзема.

Заведен од потонатиот бран-

житното руменило како потпора –милуваш

По работ на Небото-

искоренуваш уловена Божевина.

Прстенуваш незапрена плима –

Вжарен камен распукнуваш.

Каква мистерија носиш

под товарот на самотијата?

Несогорена Велигденаска Ноќ-

Светиот плам-крштелен зачеток.

Сведок на избришаната дамка

Лелек на заборавени вртушки-

Милозвучни јавувања

Молчење –прогонство.

Ден-денес ,без здив се тркала плисок-

зароден.

Срцето во Морето го донесов.

Морето не старее-љуби.

Морето љуби...

Љуби...

(Хрватски - Македонски превод)


 

Перо Миленкоски

Писател за деца

Со поезија против корона вирусот

Гушкање по телефон

Ало, ало - ме гали детски глас
од градот на жолтото злато.
Брзам да те гушнам
по телефон,
оти ми доаѓа
пријателот Сон.

Ти нацртав дрво крај патот,
деца во игра што тонат,
црвени божурики во нива
и конче со свилена грива
во утрина сончева пресна.

Здраво, Матеј, здраво,
за цртежот благодарам, браво.
А јас ти напишав песна
за јагниња во ливада што се гонат.
За славејчиња песни што ронат
и за едно прваче вредно
за книга и радост жедно,
од срце добрина точи
и носи сонце во очи.

Ме разнежи мила лика
па од мене желба блика:
Ај, короно, оди си,
мир и спокој немам,
кај Матеј сакам да одам,
во прегратка да си го земам.


 

Даниела Андоновска-Трајковска

Поет, прозаист, книжевен критичар, доктор на науки и редовен професор

ГЛОБАЛНА ФАТАМОРГАНА

слика сме рамна со многу точки
- во нив живееме
како отпечаток со висока резолуција

како клопче што се тркала меѓу сонот и јавето
го држиме конецот на нашите животи
од едната страна туѓа рака нѐ фрла како зрнца песок
во стаклениот поглед на нашиот Бог
од другата страна сме ние самите

без опрема за нуркање
од дното на морето
го спасуваме својот лик залепен на рамнината
не знаејќи дека сме само една точка
од глобалната фатаморгана
во која живееме како Богови...


 

Раде Силјан

Поет, есеист, критичар и преведувач

ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНСКИ ГУСЛАР

Последниот македоснки гуслар
Свири на гусла без струни

Во татковината на молкот
Место вино солзи пие

Има очи на светец
И памук душа

Без раце
Без прсти

За животот лажовен
Долго се крсти

Последниот македонски гуслар
Свири на гусла без струни


 

Борче Панов

Поет и есеист

ГРАД НА ВРВОТ ОД НОСОТ

Одеднаш кондуктерот ме пробуди
и ми рече дека треба да се симнам.
Го прашав каде е градот,
а тој дека нивно било да ме довезат,
а јас сам да си го најдам градот.

Сам - среде темницата и пустиот пат
се најдов во еден град на врвот од носот.

Подоцна, си мислев, зошто Господ
не ми го направил носот подолг,
а очите шашливи за да ги видам
градот зад слепоочницата и скалите
од автобуската станица во мракот.

И си мислев колку ли се градови
носиме на врвот од носот без да знаеме
дека во нив заспиваме и сонуваме
некој јас кој заскитал в непознат град,
а на вратата од една непозната адреса
се појавува жената на твојот живот.


 

Санде Стојчевски

Поет, есеист, книжевен критичар и преведувач

БОЛКАТА НА ЈАБОЛКОТО

     (клободан)

На јаболкото му реков:„јаболко“;
тоа ми рече:„лага“.
Ален Боске

Јаболко, болко на облината,
од обилноста на празнината
скината, спроти вкусните усни,
на долга линија, ух, воздух,
од оној исчезнат север.

Тоа се памети, тоа се пампи,
пламти внатре, однатре гребе
на стаклото што прска и се топи,
низ крикот се наѕира ликот.

Можеби сè е тука, обвиткано
во сопството што го насетува,
но тоа сал малку ветува,
за жал, само кал, само кал.

Раката трга кон чашата,
патува, но таа е на Мон Блан,
на Хималаи, на една ситна ѕвезда.


 

Горјан Петревски

Писател на литература за деца и млади

КОГА ПРВПАТ СЕ ВЉУБУВАМЕ

Не канете ме на софра оваа вечер, зашто залудно ќе седам и вечерата ќе ја мачам! Вечерва оставете ме сама во мојата соба за да можам насамо да плачам.

Не прашувајте ме за нешто што не можам да ви кажам, но научив дека животот е игра во која некој мора и да губи. Оној на кого му го вртев грбот го видов со друга и дури сега сфатив дека срцево - само него го љуби.

Нешто ме мачи, тајна ме притиска в гради. Разберете ме, мамо и тате, разберете ме веќе - АКО СТЕ БИЛЕ МЛАДИ!


 

Киро  Донев

Писател  за  деца  и  млади

МАГАРЕШКА    ЖЕЛБА

Едно магаре, обично - како сите магариња:
со долги уши и опашка мазна,
непотковано на трите нозе,
старо, но со глава празна,
еднаш решило
со својот познат магарешки инат -
последните години од векот
во град да му минат.

И, едно утро пред сонце да изгрее,
пред петел в село да запее,
пред да се разбуди стопанот Зарко -
ја напуштило шталата магарето Марко.
И така, бегало, трчало, вјасало,
И за неполн час во градот стасало!
Првин легнало и се извалкало на плоштадот,
а потоа – тргало да го разгледа градот.
Тогаш застанал секој по улица што итал,
да му направи пат на новиот жител.
А магарето мислело:
„Колку е чудно ова сето,
овде ме сметаат за животно свето!“
И, пак одело, одело,
го минало булеварот,
се шетало по тротоарот,
почнало да гледа по витрините,
да си ги кажува итрините,
секоја фирма ја читало
и пак одело - скитало,
застанувало пред секоја цвеќарница,
ѕирнувало во секоја книжарница,
во секоја слаткарница свратило
јало, пило – не платило,
цело во радост бликнало,
кај што сакало - си рикало
и којзнае до кога ќе „царувало“ така,
но некој го зграбил за уво со рака:

„Дремливко, станувај, пукнува зора -
по дрва треба да одиме в гора!“


 

Ели Маказлиева

Автор, поет, писател за деца и возрасни

ВРЕМЕТО

Времето е како воз
што неповратно заминува
а ние мавтаме со рака
на патниците.
Времето е како незапирна вода
што го гасне оганот
распламтен в душа.
Времето е како уметник
што ги црта
ситните линии околу очите.
Времето е како грибло
што ја ретчи бујната коса
и посипува бел пепел.
Времето е како ковач
што ги збрчкува
изработените дланки.
Времето спие и се буди
во утрата рани
во мислите, во спомените.
Само здивот на страста
како траен камен во сите бои
го крепи времето
Ги турка сите возови што поминуваат
додека не се изгубат од видот
засекогаш.


 

Ѓуро Видмаровиќ, Хрватска

Претседател на Друштвото на хрватските книжевници

 

Ukrajinski slikar i moja majka 
Jurju Luckeviču ( ukrajinski slikar)

Umro si sa slikarskim priborom na leđima, 

u šetnji po Pušči Ozerni, berući potočnice 
slikajući čudesni krajolik ukrajinski, 
noseći stručak za onu koju si sudbinom zvao. 

Umro si daleko od Hrvatske, 
zemlje koju si znao 
i volio, u kojoj je cvao
i tvoj kist, na obali njenog mora,
U Baškoj, Omišlju, Crikvenici, 
u dvoru starinskom moga oca 
na selu ravnom pored rijeke,
što pamti moja stopala bosa.

Ljude vezuju daleke spone. 
U frazi kažu: povijesne veze. 
Ne mora biti sve u tome, 
ponekad su dovoljne džezve 

Plače mi se zbog tvoje smrti
dragi moj Jurju
Otišao si zauvijek, a zatim i moja stara mati
koju si s ljubavlju naslikao
onog sunčanog dana u rodnoj mi Kroaciji.

Vjerujem da negdje u nedostupu našoj mašti 
u nekoj boljoj stvarnosti
i harnosti
razgovaraš s mojom majkom.
Ona ti sprema pitu s jabukama,
a ti kistom bilježiš njezino bistro oko.

Украински сликар и мојата мајка 
на Јурај Луцкевиќ (украински сликар)

Умре со сликарски прибор на грбот
во прошетка по Пушчи Оземи,берејќи го полското цвеќе
сликајќи чудесен пејзаж украински,
носејќи китка за таа,која ја нарекуваше судбина.

Умре далеку од Хрватска
далеку од земја која ја познаваше
и сакаше,во која цветаше
и твојата сликарска четка,на нејзината морска обала,
Во Башка,Омишље,Цриквеница
во старинскиот двор на мојот татко
во селото рамно покрај река
што ги памети моите стапала боси.

Луѓето ги врзуваат далечните јамки
Во фраза велат:историски врски
Не мора се да биде во тоа,
понекогаш се доволни и ѓезви.

Ми се плаче поради твојата смрт,
драги мој Јурај
што занавек отиде,а потоа и мојата стара мајка
која со љубов ја наслика
во оној сончев ден во мојата родна Кроација.

Верувам дека некаде во недостапноста на нашата фантазија
во некоја подобра стварност
и благосостојба 
разговараш со мојата мајка.
Таа ти приготвува пита со јаболки
а ти го сликаш нејзиното бистро око.

Хрватски - Македонски превод: Љерка Тот Наумова


 

Панде Манојлов

Поет, прозаист, критичар и новинар

ШЕШИР

Години талкав 
по пазарите на старини,
по пазарите 
каде се продава минатото, 
гледав и загледував 
на пазарите 
во Париз, 
во Будимпешта, 
во Минхен, 
во Софија и Белград 
но никаде не го најдов 
шеширот 
на Франц Кафка... 
Се распрашував 
од човек на човек 
на сите јазици, 
го прашував ветерот 
и сите бури 
на годишните времиња :
О, луѓе, 
о, познати на непознатото, 
каде да го најдам, 
каде да го купам 
шеширот на поетот,
шеширот на Кафка? 
-Ќе го најдеш, 
ќе го најдеш, 
но никогаш не ќе стои 
на твојата глава,-
чув глас од небесата 
и во првата продавница 
на ова време 
си купив нов шешир 
по мерка 
на македонски поет, 
поет од Балканот 
далеку од Кафка.


 

Роза Боjанова, Бугарија

Организатор на мајските средби на словенските уметници „Светиот збор“ во Бургас, Бугарија.

Се разминуваш со ангел

и сè неусетно се променува.
Го променуваш својот прочит на митологијата,
како Уран – својата оска на вртење
и од син и сопруг на Геа се претвора
во татко на богови, титани
и стораки џинови.

Стрелката на часовникот веќе се врти
и во двете насоки...

Дешифрирањето на Универзумот,
нема врска со оваа реалност
и со човечките ритуали...

Ги разгрнуваш длабочините на небото
и потонуваш во духот.

Веќе си бил таму...

 


 

Игор Крајчев

Писател, поет, литературен критичар и научен работник

ПОЛНОЌНА

Ја оставам свеќата
да гори,
ме теши
додека разговарам
со својата сенка на ѕидот...

Учам да слушам
додека разговарам
со неа...

Светлината
преку мене
оцртува некој друг...

Се прашувам,
колку ли сенки живеат
во мене и
колку светлина треба
за да ги исцрта
на ѕидот...

Не зборувам,
слушам,
само тогаш
ќе чујам нешто што
не знам...

Ќе гледам
во формите
додека не се видам
себе...


 

Љубинка Донева

Поетеса, писател за деца, литературен критичар, и лексикограф, а во најново време и афористичар

ХИБЕРНАЦИЈА 

Откако сите топли точки
На украденото лето не ги видовме повеќе
И сите бои на утрата поплавени
Во некаква нова
Неразгатлива врата
влеговме
Како во сувава
Сурова
Студена сезона
Со срца свиени
Смрзнати
Влеговме и
Останавме долго во хибернација
Мислевме
Куса патеката ќе и` биде
А потоа збунето
Збрлено, залетано
И по непознати загони забраздено
Апансас почнавме
Да голтаме горчила од сезоната на пелинот
Надевајќи се дека побргу таа ќе заврши
Ако ги изедеме сите горчила
Ама не
Со гримаси
Од горката пена на усните
Влегуваме во челуста на јавето
Зината и црна
Што стрпливо чека
Да се отпушти стерната
Од нашите грла
И грутките солени солзи
Да гргнат
Незапирно
Да се истурат
Зашто сезоната на солзите
Само што не почнала
И само што не почнале
Сите вселенски солзи
Во солени кристали да се претвораат
Кршливи и остри
За босите нозе на иселувањата
И исцелувањата се иселиле
Разголени и разболени
Изгонети и жални.


 

Трајче Кацаров

Поет, раскажувач, есеист и драмски автор

ЗИМСКА БАЛАДА

Во дворот среде зима расцвета
тренадафилот месечар.
Од цветето, ситно руменило
се подаде кон небесната шарада.

И чиниш ќе тргне сивилото
во пожива, поубава среда.
Но, ништо не подзапре.
Светот си врвеше по својата следа.

Цветот се опираше јаден
сал неколку дена.
Потоа се предаде без збор.
Изгуби боја и свена.

И никој не зажали
што убавина една само што
се роди згина, ја снема.

Во дворот среде зима
трендафилот месечар
да личи тргна ете
на времето што рано, сосем рано
најличното му го откина цвете.


 

Мичо Цвијетиќ, Србија

Книжевен историчар, критичар, есеист, поет, писател за патувања, преведувач од српски и германски јазик

БУДЕЊЕ

Обично пијам чај, потоа умерена доза црно кафе,
Ја палам  мојата прва цигара, ја мијам горчината од минатата ноќ,
ослободена од товарот на глуво време и мешани соништа,
со сладост на отровот, вкочанетите очи повторно се расчистуваат;
Се будам заспан соговорник од длабока беспомошност.

Невидливото го пренесувам со искуството: целата божествена ноќ
гласовите на нашите соседи потекнуваа од занданите пошироко,
Поминав немирни часови во возбудливо друштво со моето;
заемно решавање на убави тајни, признавање на гревови извршени,
сите се извинивме, пеевме и повторно плачевме во дует.

На немиот соговорник, залудно велам во лицето:
Стани и од мртвите, Лазар

 


 

 

Ивана Велиновска-Боцеска

Поет

Последна средба

На Мики, мојот брат

Постојано ме мачи
онаа наша последна средба.
Се каам за тој ден ,
ги гледам солзите во твоите очи,
твојот поглед што моли
и мојата возджаност.

Ох, зошто не те прегрнав тогаш,
силно, цврсто, братски?
Зошто не ти кажав
дека не сакам да те пуштам
да си oдиш, дека не си сам?
И така да те држев в прегратка
се дур и смртта не се предомисли
и не си отиде!

На таа наша последна средба
недостасуваше прегратка и бакнеж.
Сега само ги прегрнувам спомените,
ги бришам солзите што не ги гледам
и се надевам дека не навираат
повеќе во твоите очи!


 

Калина Изабела Зиола, Полска

Поет, преведувач, литературен критичар, новинар, културен аниматор

ОЧЕКУВАЊЕ

очекувањето е
како лошо решение на новата улога
никогаш не знам
каква слика
ќе видам во последниот агол на огледалото
нежно го притискам
долгиот казалец
на исправениот часовник
ги масирам колковите од
ненадејната возбуда

кога излегувам
ги отфрлам од себе
сите лоши мисли

облечена само
во свила на твоите дланки
јас повторно чекам


 

Ксенија Маказлиева - Трајчева

Писател за млади и деца

КАЈ СЕ КРИЕ МЕСЕЧКО?

Кај се крие Месечко,
додека денот силно свети?
Дали можеби патува
покрај другите планети?

Или пак запсива 
во постела од звезди,
и слатко сонува како
по облачињата, езди?

А наутро,
додека Сончко мил
нежно ме гали, ме буди,
дали Месечко се лути?

Не лути се Месечко,
волшебнику мој мил,
те молам, раскажи ми
каде цел ден си бил...

 

Видео прилог:


 

Леетив (Литов) Намдагжанчивин, Монголија

Архитект, слободен уметник, поет, преведувач и Почесен Конзул на Монголија

УМОТ И МУДРОСТА

Кој е прв роден на овој свет, умот или мудроста
Кој е прв избоден од варварите на овој тажен свет
Дали тоа беше умот кој прв употреби зборови или
Тоа беше мудроста која го надмудри умот!

Тоа е обичај на најстарите на овој златен глобус.
Тоа се вика човеково чезнеење за моќ
Тоа се вика несреќна желба за владеење.
Тоа е среќна желба за човечкиот опстанок

Треба ли да ги изедначуваме Небесата и Земјата.
Треба ли да ги ставиме лошите со добрите, едни поред други.
Безсомнение, не треба да ги оставиме волкот со овцата заедно.
Никој не може да го зароби и да спречи забревтаниот ум.

Кога сте веќе човек, ги поседувате обете - умот и мудроста
Кога сте веќе човек, ги имате двете желбата и зависта.
Кога сте веќе човек, недоверието и борбата се бескрајни.
Кога сте веќе човек, смрта и повторното раѓање се бескрајни.

Иако огнот и водата се спротивности, умот и мудроста се обединети
Иако земјата и небото се далечни, а луѓето прават да бидат блиски.
Со магијата на умот, ја создаваме хармонијата на нашата КАРМА.
Со вештината на мудроста ја уништуваме прашината на бунтот.

И болката на смрта со ментално уривање
И жестокоста на зборовите со ништожење
И секоја вистина со магијата на умот
И хаотичниот свет со неговата мудрост

Вистината и лагата се во вас секогаш,
Но јас се наоѓам помеѓу конечното и миговното
Нежноста и суровоста се во вас секогаш
Но, јас стојам помеѓу правото и погрешното.

Дали црното и белото се во вас!
Дали тие се прочистени со благороден ум!
Дали неуката темнина се уште не ве напушти!
Дали умот е толку совршен без бараните одговори!

Дури безграничниот океан има крајбрежје
Дури бесконечното небо има своја граница
Бесконечното е бесконечно, но има свое конечно
Вечното е вечно, но постој временски милениум

Будниот разум е извориште на секоја мудра промисла.
А ниту моќниот ум неможе да насочи мудроста да владее.
Сепак нема причина да се оддалечува од Умот
Ниту има причина да расте заморот од Мудроста

 


 

Васил Мукаетов

Писател за млади и деца

ПОД ЛИПАТА

Овде, во соседството
кој и да поминува,
застанува.
Со липата не се разминува.

Соседката со количка,
најмалото во нежна дремка.
Еве ги, под мирисната липа,
под сенка.

Утрински вести
страници се свртуваат.
Весниците, под липа се прочитуваат.

Заросила некоја капка.
Овие под липата,
од маркетот се гледа,
чадор не им треба!

Се бараат липовите цветови
сега, уште во мај.
Се мисли на бистер чај.
Сé да биде бргу поминато
за некое дете настинато.

Еве зошто
и ластовичињата,
славејчињата, утките,
гулабите, гугутките,
низ гранките липови
први се огласуваат.
Децата ги разбудуваат.

На училиште под липов цвет,
ништо поубаво
на овој свет.

 


 

 

Претставување на млади поети на

Литературната е-манифестација „Илинден 2020“

Општина Илинден и македонската култура не треба да се плашат за својата иднина кога имаат вакви млади поети, отстапувавме простор и секогаш ќе отстапиме простор во рамките на манифестацијата за промовирање и поддршка на младите творци кои имаат можност за културна афирмација на македонските книжевни вредности.

Во рамки на 21-та Литературна манифестација „Илинден“ 2020, правиме претставување на петмина млади автори. За љубителите на литературата со по една песна и куса биографија ги претставуваме истакнатите автори: Марина Мијаковска, Ирена Јурчева, Александра Велинова, Филип Димкоски и Елена Пренџова.

Секој од овие поети се одликува со сопствен тематско-стилски спектар, авангарден стил на изразување и иновативност во поетската траекторија. Творештвото на овие писатели е во согласност со актуелните животни состојби и книжевни тенденции.  Секој од нив е препознатлив, различен и свој. Овие петмина автори учествуваат на многу книжевни манифестации, се преведени на странски јазици и зад себе имаат опус од дела кои се наградени со книжевни награди во земјава и странство.   


 

Марина Мијаковска

Марина Мијаковска (1984) пишува поезија, проза, есеистика и литературна критика. Таа е доктор на филолошки науки. Од 2013 година е членка на Друштво на писателите на Македонија.  Таа е авторка на десет книги. Мијаковска ги објавила стихозбирките: „Номадска душа“ (2010); „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015); „Новогодишни детски песни“ (2017) и „Коскена“ (2019). Мијаковска ја објавила книгата со  раскази „Куќички“ (2014) и  научните книги „Жанровски полимер: Сандаче од ракописи во обид“ (2016) и „Модели на родовата идентификација“ (2018). Дел од поетските творби и од расказите на авторката се објавени во домашни и странски антологии во превод на англиски, српски, хрватски, албански, романски, чешки, полски, кинески јазик, итн. Мијаковска учествувала на многу меѓународни книжевни манифестации во земјава и во странство. Таа се стекнала со неколку книжевни награди во земјава и во странство: „Специјална награда за литературно творештво со високо уметничко  ниво  со  ценети  и  трајни  поетски вредности“  на  „Поетски  вечери  во  Корча“ (2012); „Караманов“ (2013); „Македонска  книжевна  авангарда“ (2013); „Крсте Чачански“  (2014); „Бели мугри“ (2015) и награда „Даница Ручигај“ (2019) при Друштво на писателите на Македонија. Мијаковска е водител на книжевни настани и промоции, и е предавач на книжевни работилници.

 

СТАКЛЕН БАЛОН

Денот го престорија во ноќ.
Улиците се слепи и празни
без никаква секавица од минувачи.
Избришани се сите траги
од буката на секојдневниот животен стил.
Луѓето се внатре, а животните се надвор.
Само птици во воздухот и црни глувци на земјата.
Конечно животинските видови
си ги заменија улогите на моќен-немоќен вид.
Светот го претворија во медицинска епрувета.
Во нас ријат сите човекови желби за слобода на движење.
Светот ги затвори своите врати, а нам ни останува
да ја вдишеме секоја капка живот
преку одразот од стаклените прозорци.


 

Ирена Јурчева

Ирена Јурчева (1982) пишува поезија и проза. Таа дипломирала на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за преведување и толкување. Таа е магистер на филолошки науки. Работела како наставник по англиски и француски јазик во повеќе училишта и јазични центри во Скопје. Превела повеќе од петнаесеттина книги. Јурчева е авторка на една поетска книга „Таинства” (2017) и книга со раскази „Белата е најстрашната боја” (2019) за која ја доби наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!”. Во 2017 година добила награда на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри” во Гостивар. Нејзина поезија е објавена во неколку книжевни списанија во земјава. Организирала повеќе работилници за креативно пишување.

 

ДАР ЗАВИТКАН ВО ВРЕВА

„Тишината, тој подарок на ангелите кој повеќе не го
сакаме, и не сакаме да го отвориме.“

Кристијан Бобен

Толку топли во мислитe,
а толку студени на хартијата
сите мои ненапишани приказни
едвај тихуваат, Огнене,
а ние пригушени
во шумови и бучави
начувме ѕвекот
на твојата и мојата мисла
што насреде вревата
нѐ остави вџашени.
И од минливоста уплашени
сме ги свикале сите зраци и зборови
да го надгласат страшниот молк
да не би некој подол миг
на неа нѐ потсети
во бучниот свет
со непробојни од звук ѕидови.

И ако ангелите се уморуваат
тие покрај нас се исцрпени
од чудење зошто сме жедни
покрај бистар извор,
но сѐ уште чекаат
да ја раскинеме хартијата
скроена од врева
и свечено да го отвориме
дарот кој на дофат ни лебди
бестелесен, безвучен, безбоен
да нѐ милува, ѕуни и сјае
шумно излезен од огнот на мислите
тивко распостелен врз хартијата.


 

Александра Велинова 

Александра Велинова (1984) пишува поезија и проза. Авторка е на книгите: „Од дното на душата“ (2012); „Стапки во пустина“ (2014); „Како ги заработив првите пари“ (2016); „Бидејќи сум дете“ (2017) и „Стефан во магичниот град“ (2019). Велинова е членка на Друштво на писателите во Македонија. Добитничка е на меѓународната награда „Антево слово“ за песна. Таа работи како презентерка на вести на Тв 21.

 

ВОЛЦИ

Се кријат во дувла,
со крзна прокубани
преклукани, гладни, беспомошни мислиш.
Со последни сили, опашот го влечат.
Гревот не се гледа,
нахрани ги – мислиш.
Сјајот нивни в очи,
в час поглед ми краде.
Видов без да сакам,
лакомост до бескрај,
глад и жед и злоба
со трепет ги скрија.
Смрдеата нивна далеку се шири,
сфатив, храна нејќат,
за душата моја
гладни биле тие.
Отворија челуст,
заби остри пили
и кругот се стесни
се побројни беа.
Распарчена се видов
не можев да мрданам ни педа,
ме скамени стравот,
здивот ми се зема.
Ко нем сведок гледав.
Пирот сега почна:
не мене, туку себе си
си вадеа очи, си јадеа глави сами
три ранети волка
и безброј волчји заби.


 


Филип Димкоски

Филип Димкоски (1995) е поет, преведувач и новинар. Дипломирал на Факултетот за земјоделски науки и храна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на насоката-градинарство и цвеќарство (хортикултура). Автор е на книгите: „Најхранливи зборови од детска душа дарови (2010); „Божилак на исконот“ (2014); „Заедно да растеме“ (2018) и „Во градината има само љубов“(2018). Добитник е на неколку награди: „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво, за најдобра книга за деца во регионот во бившите југословенски држави за книгата „Заедно да растеме“ (Риека, 2018), Плакета „Сима Цуциќ“ на Банатскиот културен центар за српското издание на книгата „Заедно да растеме“ (Ново Милошево, 2019), награда „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата (Струга, 2010), награда „Си било еднаш едно дрво“ за расказ (Битола-Израел, 2015/16), награди на фестивалите „Мелничките вечери на поезијата“ (Мелник, Бугарија, 2012 и 2016), Белоцветните вишни (Казанлак, Бугарија 2016 и 2017) и „Есенски штурци“ (Извор, Бугарија, 2018). За афирмација на македонскиот јазик и образованието Советот на Град Прилеп на Филип Димкоски му го додели највисокото градско признание, плакетата „3 Ноември“ (Прилеп, Македонија, 2019). Поезијата му е преведена на петнаесетина јазици и застапена во списанија, зборници и антологии. Се занимава и со водителство и рецитирање. Преведува од српски, од бугарски и од хрватски на македонски јазик. Досега одржал предавања, работилници и средби во над четириесет образовни институции во Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија и Израел.

 

ТАА ПАМЕТИ

Почнува со неа новото патување,
овоземното наше битисување
нè крштеваат во металното коритце
попрскани со капките нејзини
и со гранчињата босилек.

Со неа ни баат од уроци,
ни ја матат со шеќер од уплави
болните заздравуваат
слепите прогледуваа
од чешмите
со вода лековита...

Ја гасне жедта од уморот,
блажината ја пресекува
солта ја разблажува
во неа го гледаш својот одраз
таа лицето го мие
ама не и валканиот образ...

Плиска во заливите
трепери и ѕвони,
ги дроби карпите
тивка вода брег рони.
Грка од врутоците
Пее од потоците...
Слегува во реките
Мирува во океаните...

Доаѓа од небото
а извира од земјата...

Знае да шушти и
на сон да доаѓа
сонот да го краде
да одзема животи
во вртлози и поплави...

И по мигот неодминлив
додека догорува темјанот
со киска босилок нè попрскуваат
и нè испраќаат...
Нас нè нема, а таа памти.
Знае сè....
Крај е...
И почеток е...
На една смрт
На едно живеење...


 

Елена Пренџова

Елена Пренџова (1984) е поетеса, слемерка и препејувачка од Скопје. Таа е магистер на филолошки науки и дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност. Таа е менторка на работилници за слем и креативно пишување. Авторка е на десетина поетски книги. Од 2016 година, заедно со поетесата Оливера Доцевска го соорганизира македонското издание на ланецот настани на интернационалниот уметнички фестивал за правата на жените „Крикот на жената“ лиценциран од Доминиканската Република. Пренџова била национална претставничка на Европското слем-првенство од 2016 година. Организира и соорганизира слем-настани и слем-натпревари во Македонија и Србија од 2013 година, вклучително и националниот слем-натпревар. Во 2015 година ѝ беше доделена едномесечна писателска резиденција во Албанија, стипендирана од „Поетека Албанија“, Министерството за култура во Албанија и Традуки мрежата, а во 2019 година беше стипендистка на програмата за перформативни уметности „i-Portunus“ и „Креативна Европа“ во Естонија и Словениј.

 

НЕКОГАШ  УМЕЕВМЕ СВЕТОВИ ДА ГРАДИМЕ

1
некогаш умеевме
светови да градиме
умеевме стереотипи
со поглед
до согорување
да распалиме
умеевме студ и мрак
да разжариме

некогаш умеевме
со здивот на воздухот
да се галиме
во невротичниот трепет
мир и спокој
да живееме

некогаш умеевме многу
умеевме стихови
да си подаруваме
и да склопуваме рими
што на школо нè учеа
дека немаат природна звучност
оти нам
сè ни беше природно
оти нам
сè ни беше нормално
оти нам
сè ни беше љубов

некогаш умеевме
светови да градиме
некогаш умеевме многу
некогаш ни се чинеше просто умееме сè

се сеќаваш ли
некогаш умеевме
светови да градиме
кога ли
зошто ли
сето тоа го заборавивме

2
некогаш умеевме
светови да градиме
на животот
со пркос
во борбен ринг
да му влегуваме

некогаш умеевме
под кожа да си живееме
некогаш умеевме
само да раснеме
созреваме и убавееме

некогаш умеевме
да бидеме наивно добри
некогаш умеевме
невино да се љубиме
умеевме искусни
еден во друга
слепо да се заљубиме

некогаш умеевме многу
се прашувам дали
воопшто
некогаш
повторно
ќе можеме пак така
од љубов да се излудиме
така жарко да љубиме
и кого
и кого

3
некогаш умеевме
светови да градиме
некогаш умеевме
себеси како личности
да се градиме
некогаш умеевме
да градиме
сега сè сме заборавиле
сега сè рушиме
сега се рушиме


 

Литературно матине за деца

Ништо не може да биде пречка ако се има инспирација и желба за пишување. Така и во ваква ситуација, нашите млади автори – ученици во општинските училишта во Општина Илинден не престанаа да творат, туку напротив она што го носат во нивната детска  душа го источија во ѕвонливи стихови. Радост за секој творец е кога ќе има можност своето дело да го претстави пред другите. Литературната манифестација „Илинден“ тоа го прави, ги промовира творбите на најмладите. Нека нашата манифестација им биде поттик за понатамошно успешно творење и засатнување на пиедесталот со најреномираните поети.

ООУ Гоце Делчев:


Софија Добревска 9а одд.

Ментор: Лидија Даниловска-Ѓуровска

ПИСМО

Вечерва за тебе ги повторувам сите клишеа,
ги поврзувам сите имиња на неостварена љубов
напишани на затворените катанци.
Маѓепсанa од звукот на виолината и штурецот,
во ноќта темна и мрачна.

Пишувам ноти од солзи во де мол,
отсвирувам неколку ноти на пијаното,
со надеж дека преку нив ќе можам да го слушнам
твојот глас, твоите чекори,
твоето шепотење со ѕвездите под отвореното небо,
твоето смеење.

Брзо се откажувам од тоа,
сопствените мисли ме убиваат.
Вечерта гори под моите стапала,
гори и тоа дека си далеку од мене, длабоко во душата
и решено е да ме изгори додека не се откажам од тебе.

Но, нема да те убедувам многу, само ќе ти кажам дека
бескрајно ќе те сакам до крајот на животот,
а кога повторно би се родила
ќе најдам начин повторно да се вљубам во тебе.


 

Дајана Стојановска 7-а одд. 

Ментор: Ивана Велиновска-Боцеска

Детство

Ах,тоа волшебно време,
розов свет од бајка.
Приказни,басни и сказни,
бескрајни прегратки од нашата мајка.

Во ова време нема лага,
само вистината цвета.
Ова време не знае за тага,
знае само за птица која безгрижно лета.

Над небото високо се крева,
еден облак од детска смеа.
А, пак на ливадата убавина блика,
детски желби како цветна леа.

Да помогне секој сака,
искрено и од срце.
Но, секогаш највредна е детската рака,
од нејзиниот допир поминува секоја мака.

Во ова време играта е главна тема,
додека криенката е пријателка верна.
Детското срце е кутија мала, но полна
со љубов, пријателство и смеа.

Ова време многу убавини има,
но не е цвет кој вечно цвета.
Туку е бела птица на гранка,
која многу брзо лета.

Затоа додека можете бидете дете,
безгрижно секој нека игра и пее!
Затоа што еден ден секој од нас,
ќе посакува повторно да биде дете!


 

Сашка Јакимовска VIII-б одд.

Ментор: Душанка Наневска

Другарство

Друграство - збор познат
низ целиот свет.
Но што навистина е другарството?
Дали е пупка која се претвара во цвет?

Другарството
е како детелина со четири листа
- не секој ја има.
Тоа е како редок подарок
кој не се добива
секоја зима.

Другарството
е кован ланец што не ’рѓосува и не се кине.
Поврзува другари верни
иако долго време ќе мине.

Другарот е личност
кој непроценлива вредност носи.
Гледај да не го загубиш
затоа што другарство не се проси.

Вистинскиот другар
се наоѓа еднаш, во најневообичаено време.
Потоа го чуваш засекогаш
како драгоцено семе.


 

ООУ Ристо Крле:

Ања Јакимовска IX Б одд.

Ментор: Валентина Милчевска

„Живот“

Розата расцветана како
срце полно љубов е
симбол за надеж и среќа,
која ти испраќа еден
топол бакнеж.

И одеднаш ќе го почуствуваш
ветерот најсвеж
и ќе сфатиш дека
мигот е важен
и никогаш нема да
биде лажен.

Ќе го почуствуваш,
воздухот влажен и
нема да станеш тажен.

Ќе го видиш портретот ткаен
и ќе се сетиш дека денот е сјаен
и не смее да биде таен.

Ќе се сетиш дека животот е шарен
и дека не е број парен.
ќе ти текне дека не е ладен
и ќе бидеш среќен што ти е даден.


 

Мери Ристовска IXб одд.


Ментор: Валентина Милчевска

Нашето пријателство

Те најдов кога беше мрак,
И ти покажав дека светлината сјае
во сите нас.

Се прашувам што се случи со нашата средба.

Без тебе деновите ќе бидат тага ,
И очај низ зенициве под кои тече бескрајна река.
Врати се и спушти ја тишината да зборува,
рацеве ќе те допрат
и се ќе престане.
Нашето пријателство трае во споменот
и се додека надежта допира,
Таа љубов ко мајчина насмевка
ќе не гали,
ќе не бакнува бескрајно.


 

ООУ Браќа Миладиновци:


Михаела Бојковска IX-1 одд.  

Ментор: Анкица Петрушевска

Љубов е...

Кога твоето срце ќе затрепери силно
и ќе посакаш некого да прегрнеш милно,
кога една личност буди сјај во очите твои
и илјадници чувства во душата крои.

Кога твоето лице само
на една личност се смее,
кога твојата љубов само
една личност ја грее,
кога само во едни очи
го гледаш целиот свет,
кога една насмевка е
поубава од секој магичен цвет.

Кога ќе ја здогледаш
месечината и ќе сфатиш дека некој ти фали,
за момент копнежот срцето ти го гали.
Кога далечината во тебе
буди огромна жар и сила,
погледнуваш во небото и се запрашуваш
зошто љубовта нема крила.

Секогаш кога твоите мисли
ги обвива темнина и мрак,
сети се дека ја имаш најсветлата ѕвезда
и те грее најтоплиот сончев зрак.


 

Јован Младеновски III одд.

Ментор: Силвана Величковиќ

ДРУГАРСТВО

Другарството е дете нешто милно,
другарството е многу силно.
Без другари е многу тажно,
другарството е дете многу важно.

Вистинското другарство е богатство што трае
и секој ден ко звезда на небото сè посилно сјае.
Другар со другар ко браќа сложно одиме
низ овој свет љубов во срцата да вродиме.

Подајте рачиња, ајде сега сите вие!
Жолти,бели,црни ете тоа сме ние.
Другари верни што царство градиме
и во секое срце другарска љубов садиме.


 

Марија Ивановска V одд.

Ментор : Ивана Лазаровска

ГРАДИНАТА НА БАБА

Градината на баба
е многу шаренолика,
во разни бои таа
oд убавина блика .

Овде круша, онде цреша
и по некое јаболко се меша.
Ваму домат,таму краставица
и од тиквичките на баба Славица.

Јаготчиња црвени и зрели
слатки се и здрави,
ги засадивме во редови
како пушка прави.

Пченка млада, тиква бела,
меѓу нив ѕирка лубеница зрела.
Градината на баба како да се смее,
повесело е во неа кога славејот пее.


 

Литературни дела од млади автори од општина Илинден

Во рамки на Литературната манифестација „Илинден“ секогаш има место и за промовирање на млади автори. Горди сме што можеме да ги претставиме авторите кои потекнуваат токму од Илинден.

Тие на мала возраст веќе застанаа на плодното македонско тло наречено литературно творење, со издавање на своите книги. Себеси и своите книги, најпрво ги промовираа на оваа Литературна манифестација, пред неколку години.

Денес како  млади автори  веќе зачекоруваат во животот како успешни личности и надежни поети од нашата општина. Нивната желба за творење не престанува, туку се зголемува и раѓа нови дела.

 


 

Стефанија Мирковска

Стефанија Мирковска е родена во Скопје, 2003 година. Основно образование заврши ви ООУ„Гоце Делчев“ – н. Илинден. Ученик е во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ -Скопје.

Автор е на книгите „Животот е роман“ и „Помеѓу минатото и сегашноста“, а истовремено беше дел од Поетската манифестација „Поетски синтези“ во Битола, 2017год.

Учество зема на многубројни конкурси и натпревари и има освоено неколку награди и признанија меѓу кои: втора награда на Регионален натпревар по македонски јазик и литература и прва  награда на Државниот натпревар во 2018год., под менторство на професорката Ивана Велиновска-Боцеска, трета награда за најдобра песна на Литературната манифестација „Илинден 2015“, и прва награда на истата манифестација во 2018год. Учествуваше и на меѓународниот конкурс во Србија "Sve ljubavi balkana".

При завршувањето на основното образование, во 2018, ѝ беше доделена наградата  Првенец на генерацијата.

 

Ноќна тишина

И ете ја пак,
повторно дојде,
пак го донесе мракот.
Го донесе црниот, долг, темен фустан
исткаан од блескави ѕвезди.
Седам покрај прозорецот
и одвреме-навреме погледнувам низ него.
Ах, оваа тивка ноќ!
Седам, во длабочината на ноќта,
уживам во симфонијата,
заедно со убавината на ноќта
и ритамот на времето.
Се обидувам
да ги отргнам мислите,
но не бев успешна во тоа.
Мислите допираат длабоко во срцето,
и ми ги ослободуваат спомените од минатото.
Чувствувам, оваа ноќ ќе трае
долго, предолго...
Повторно..
Размислувам..
Ах, тивкава ноќ нема крај!
Твојот лик го гледам во далечината,
но набрзо се губи меѓу маглата.
Тој поглед-игла која боцнува во душата.
И набрзо исчезнуваш-те нема.
Оваа тивка ноќ е виновна.
Потонувам во длабочината на времето
и ноќната тишина.
Кажаните зборови ги закопувам овде,
оваа вечер во овој час,
во оваа тивка ноќ.
Мојот последен избор засега...

 

Песната „Ноќна тишина“ ја доби I награда на Литературно матине за деца на Литературната манифестација „Илинден 2018“


 

Елеонора Петковска

Елеонора Петковска е родена во Скопје, 2003 година. Oсновното образование го стекнува во ООУ „Гоце Делчев“ – н. Илинден. Сега е ученик во II година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин”- Скопје. Од мали нозе искажува желба и љубов кон пишаниот збор. Автор е на книгите поезија: „Поглед кон далечината” и „Осуденик на времето”. За книгата „Осуденик на времето” е носител на наградата „Поетска гравитација” што ја доделува Здружението за наука и култура „Нова“ за најдобра книга од млад автор.

Песната „Осуденик на времето” е од истоимената стихозбирка, објавена 2017 година, во издание на Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола. 

 

ОСУДЕНИК НА ВРЕМЕТО

Мирот
демнее по околинава,
а ти не се врти,
не се врти
зашто чемерот
веќе колебливо зазема став.

Го чувствувам
затишјето,
уште од далеку почнува
да разгорува,
да бликнува
и да ми го попречува патот.

Таа ироничност,
тоа грмно отсекување
на светлинскиот зрак,
истрајува
додека срцево плаче
и се топи во солзи.

Очите се поолнат
со колебливи солзи,
усните го чувствуваат
тој недоглед,
тој позлатен прав
кој демнее низ воздухот.

Луѓе, луѓе
дали во вашиот свет
има место
за некој како мене?

За некој безнадежен,
помрачен,
некој кој бил поткрепувач
на соживеаното
и грешник
на допрва испишаното.

Ајде луѓе,
ајде вие мои блиски,
но толку далечни,
кажете!

Кажете,
дали би го примиле
овој осуденик,
овој слуга оставен од
ближните и
осуден на помрачена крајност
и разгорено страдание.

Пуштете некој крик,
некој глас
и смирете го ова
непреболено нетрпение
и дајте ми одговор.

Кажете ми,
дали има место
за овој
ОСУДЕНИК НА ВРЕМЕТО!


 

 Сара Ѓорѓиевска

Сара Ѓорѓиевска е родена на 30 март 2003 година во Скопје. Почетокот на училишните сознанија ги стекнува во ООУ „Гоце Делчев” – населба Илинден, општина Илинден. Автор е  на роман и збирка раскази. Романот „Ценетата Ивана“ е објавен 2015, а збирката раскази „Топли бури од раскази“ 2017г. Издавач на двете книги е Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола. Збирката „Топли бури од раскази”, со рецензија на  Ивана Велиновска – Боцеска, ја доби  наградата „Прозна гравитација”, која беше доделена од страна на Здружението за наука и култура „НОВА“ за книга од млад автор. При текот на основното образование, учествува во меѓународниот училишен проект „Мост на пријателство: Илинден – Решетари”, кој овозможи запознавање со творењето, фолклорот и мислите на другите народи. Љубовта кон медицината беше камен темелник и агенс за продолжеток на средното образование во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов”. Творењето и ден денес продолжува, инспирирано од различни погледи и агенси

Романот „Ценетата Ивана“ е објавен 2015, а збирката раскази „Топли бури од раскази“ 2017г. Издавач на двете книги е Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола. Збирката „Топли бури од раскази”, со рецензија на  Ивана Велиновска – Боцеска, ја доби  наградата „Прозна гравитација”, која беше доделена од страна на Здружението за наука и култура „НОВА“ за книга од млад автор. Извадоците од расказите (во прилог) се од книгата раскази „Топли бури од раскази“.

 

Лелекот македонски

Плаче Егејот, жали Пиринот,
и оро се повело,
и душата ја однело,
и срце распаралo
и огин разгорело.

Сегде се зачу лелек македонски,
сегде плачови владеат,
и шумолења владеат.

Последна станица на жалост,
надоаѓа,
и расплети раѓа.

И тага раѓа,
ко жар се разгорува таа.
О, земјо мила,
слушни го лелекот македонски,
слушни ги пискотниците на твојот род
сред црн век што не родил плод.

Дур земјата пролетна ситост дише,
ние црвена капка крв зимаме

 од стаклено шише.

Се гаси виорот на тапанот и зурлата,
плачовите ѕвонат,
сонце умира,
стапува в мртовечница.     
И трупот го покрива со
нежна и мила свила,
сонце немаме,
угарка немаме,
пожар немаме,
мир немаме,
бранители немаме...

Илјадници рани со нож отворивме,
и македонски срца засековме,
течението на крвта полека го затворивме,
и солта ја потпековме.

Црн век врти
бел ден се ‘кти,
бистра вода се белеи,
матна крв се црнеи.

Над полјаните  и реките
над пожарот на смреките,
По течението на крвта,
снагата на ветрот се раѓа.

Молиме за враќање на своето,
во добата на туѓото,
жалам за лелекот, плачам за да жалам.

Од горка романка,
се претвори во бурна балада.
Смртта моја,
Ја сакам во Македонија,

во Илинден ја сакам
Дур бело утро се раѓа,
во црна почва телото да ми паѓа.


 

Матеј Спасовски

Матеј Спасовски е млад книжевник роден на 9 август 2004 година  во Скопје. Живее во населбата Илинден во град Скопје. Основното образование го стекнува во ООУ „Гоце Делчев“ – н. Илинден, а сега е ученик во прва година во СМУГС  „Д-р Панче Караѓозов”. Своите импресии од општото литературно-уметничко творење ги стекнува уште како помал и оттогаш тој постепено сè повеќе и повеќе навлегува во самата срж на писателската структура и писателскиот свет. Според неговото мислење тој смета дека пишувањето претставува обврска која се стекнува уште од мали нозе, но писменото изразување и творење е дарба и способност која се вродува во еден човечки ум и човечка душа уште од самото свое раѓање. Во „Приказни зад аголот” во издание на Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола (2017г.) е неговата прва издадена книга и воедно неговиот прв поголем писателски зафат кој го одредува одвивањето на понатамошниот тек на писателската дејност на овој млад надежен писател.

Книгата со раскази „Приказни зад аголот” во издание на Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола (2017г.) е неговата прва издадена книга.

 

Зошто

Ме погледна и ме заслепи,
ми се доближи и ме маѓепса,
ме праша,
а моите усни неразделни
не можат да се разделат една од друга.

Но што ми e мене,
што се случува?
Се обидувам, но не можам да земам здив,
ме мачи прашањето,
од умот не излегува,
се прашувам дали се заљубив?

Што ќе биде ако и кажам?
Се плашам да го направам
првиот чекор,
ме плаши помислата да не ја изгубам,
но срцево мое не дава да лажам!

Зошто стојам и не правам ништо,
зошто од неа кријам?
Собрав храброст,
ќи ѝ кажам,
не сакам да ја лажам!

Ме болеше вистината,
неразделна е од мене,
управува со мене,
не ми дозволува да избегам од реалноста.

Ѝ кажав!
Сонот сега се претвори во реалност,
но што ќе биде ако реалноста стане сон?
Дали ќе се разбудам или ќе потонам
во него
и дали реалноста ќе стане
вечен пекол...

Но сепак ѝ реков:
- Ти си првата во која што се вљубив!


 

Магдалена Јакимовска

Магдалена Јакимовска е родена на 27 март 2001 година во Скопје. Ocновно образование завршила во ООУ „Гоце Делчев“ во населба Илинден - Скопје. Сега е ученичка во Средношколската академија за бизнис и администрација - „САБА“. Интерес за литературата пројавува уште од најраното детство. Како љубопитно дете, покрај читањето, постојано сакала да ја истражува околината за да осознава нови нешта. Уште на рана возраст почнала да ги пишува своите први творби, да учествува на поетски фестивали и да ги објавува во списанијата за деца „Другарче“, „Развигор“, „Наш свет“, „Колибри“. Како што растела, така и се зголемувала љубовта кон творештвото. Во текот на школувањето учествува на повеќе литературни конкурси и е добитник на бројни награди на општинско, регионално и државно ниво. Со својот прв роман „Ако розата беше вечна” (2015 г.) го освои второто место на конкурсот распишан од Здружението за наука и култура „НОВА” - Битола. - Инспирацијата најчесто ја наоѓам во случувањата и збиднувањата во секојдневниот живот. Ја има насекаде околу нас. Треба само да се биде љубопитен и да се погледне - вели таа. - Упорноста и храброста да почнам да се појавувам со моите дела ме направија посамостојна личност која никогаш нема да се откаже од својата цел во творештвото. Магдалена Јакимовска со подеднаков успех пишува и поезија и проза, изучува странски јасзици, се занимава си фолклор и пливање, но, сепак, најголема љубов T е пишувањето на кое му посветува и најголемо внимание. Романот „Зар ова е крајот“ е втора нејзина објава, а наскоро треба да се појави и стихозбирка со наслов „Ништо не е како порано“.

 

За тебе пеам, за тебе пишувам

А јас..јас воздивнувам по секој твој допир
и глас
и трепет.
Се будам во твоите дланки,
како новороденче во лулка
и како нов род во пупка.
Се будам и се радувам на тебе убавино,
на тебе и твоите усни
со кои ни ја чуваш гордоста.
Се радувам на твоите раце
со кои ни ја штитиш душата
од сето туѓо што ни доаѓа.
Се радувам на тебе и на твоите очи
во кои си ја плакнеме нечистотијата
што ни го заробила телото
и таму долго останува.
Се радувам на љубовта
и пријателствата кои што се раѓаат овде.
Се радувам на тебе, Скопје.
те доживувам ко живо суштество
како мајка и татко,
како најмил брат
и како се што ме усреќува.
И за тебе пеам,
создавам ноти после кои се шират мелодии
што ги милуваат ушните школки.
Минувам улици, километри и далечини
создавајќи мелодии и песни.
Си го носам нотесот со себе,
и повторно запишувам,
за тебе пишувам, Скопје
го врежувам секој датум
во еден катанец од спомени
кои се оживуваат преку моите текстови.
Така пишувам за тебе, Скопје
влечејќи на плешките спомени
кои ги правам како поклончиња
ги виткам во розов целофан
и им дозволувам на најблиските да прочитаат.
Да погледнат како те доживувам,
како те опишувам и како ти се восхитувам.
Пишувајќи и си пеам,
зашто ти Скопје ќе живееш,
а јас додека сум жива
и способна да везам стихови
за тебе ќе пеам и за тебе ќе пишувам,
зошто од сите градови на светот,
пак тебе ти се враќам.
Еден ден ќе заминам и на другата страна на светот,
само да видам поинаков град
но пак тебе ќе ти се вратам,
зошто за тебе пишувам.
И раката ми трепери само кога за тебе пишувам.
Срцето е искрено само кога за тебе пишувам.
Гласот ми се разубавува само кога за тебе пеам.
Зошто ти си мое Скопје,
а моите стихови- резултат на твоето постоење.

 


 

 

КРАТОК ПРЕГЛЕД НА КНИГИ ИЗДАДЕНИ ОД УЧЕНИЦИ ОД ОПШТИНА ИЛИНДЕН

 

Сара Ѓорѓиевска

  • „Ценетата Ивана“ (роман,2016г.)
  • „Топли бури од раскази“ (раскази, 2017г.)

Ментор: Ивана Велиновска-Боцеска

 

Елеонора Петковска

  • „Осуденик на времето“ (поезја, 2016г.)
  • „Поглед кон далечината“ (поезија, 2017г.)

Ментор: Ивана Велиновска-Боцеска

 

Стефанија Мирковска

  • „Животот е роман“ (роман, 2016г.)
  • „Помеѓу минатото и сегашноста“ (поезија, 2017г.)

Ментор: Ивана Велиновска-Боцеска

 

Матеј Спасовски

  • Приказни зад аголот“ (раскази, 2017г.)

Ментор: Ивана Велиновска-Боцеска

 


 

Се надеваме дека ги задоволивме различните вкусови на љубителите на пишаниот збор.

Свесни за  можни недостатоци и пропусти Ви се извинуваме за сите неправилности, сепак ова и за нас претставуваше еден голем предизвик, испитување на еден нов начин на организација и претставување на пишаниот збор во еден поинаков облик.

Во исчекување на поубави денови за секој од нас, се надеваме дека идната година повторно Домот на културата „Илинден“ ќе биде нашето собирно место каде ќе се одржи Литературната манифестација „Илинден 2021“.

Post new comment

The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
  • Web page addresses and e-mail addresses turn into links automatically.
  • Lines and paragraphs break automatically.
  • You may use [swf file="song.mp3"] to display Flash files inline

More information about formatting options

Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.

Find Us On...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Теми во фокусот на вниманието

Видео

„Најдобриот работник“ во Општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013