Prijavi problem

Делегација на збратимената Општина Решетари ја посети Општина Илинден - Размена на искуства за поквалитетен живот на граѓаните од двете општини

Published on: 01.04.2019 - 17:58

Делегација на збратимената Општина Решетари од Република Хрватска, предводена од градоначалникот Златко Ага, престојуваше во Општина Илинден, при што оствари повеќе средби со градоначалникот Жика Стојановски, претставници на јавните претпријатија, образованието, бизнис заедницата. Посетата е продолжение на успешната соработка меѓу Општина Илинден и Општината Решетари којашто се наоѓа во западниот дел на Бродско-посавската жупанија во непосредна близина на Нова Градишка, кои во 2012 година потпишаа Спогодба за меѓусебна соработка и пријателство.

Градоначалникот Стојановски ги запозна претставниците на Општина Решетари со реализацијата на повеќе проекти во областа на комуналната и патната инфраструктура, образованието, културата, детската заштита, заштитата на животната средина, реализацијата на проекти од областа на енергетската ефикасност, како и во други области за кои гостите покажаа интерес.

Во рамките на посетата, гостите го посетија Домот на култура „Илинден“, со цел подетално да се запознаат со неговата функционалност и да обезбеат информации за изградба на ваков дом и во Општина Решетари, поради што беше посетен и Домот на култура „Марино“.

Претставниците на Општина Решетари престојуваа и во ООУ „Гоце Делчев“ кое со ОУ „Анте Старчевиќ“ од Општина Решетари, во рамките на меѓународниот проект „Мост на пријателство“, потпиша Спогодба за меѓусебна соработка чијашто основна цел, меѓу другото, е размена на разбирање и почитување на различните култури, запознавање со другите oбразовни системи, поттикнување на мобилноста на учениците и наставниците, како и размена на европска соработка  во областа  на образованието. Општа беше оценката дека резултатите од досегашната успешна соработка, се повод оваа соработка да продолжи и во иднина, пред се во интерес на учениците од двете општини. Потоа, беше посетено и Средното општинско стручно училиште „Илинден“, каде што гостите можеа да се запознаат со наставниот процес, како и неколкуте кабинети во кои учениците имаат на располагање најсовремена опрема.

Престојот во Општина Илинден беше искористен и за посета на локалната економска зона Марино-Кадино, во која во тек е интензивна изградба на повеќе стопански капацитети. Беше посетена пречистителната станица од фекалната канализација во н.м. Марино, припадна површина 1, со капацитет од 1.250 е/ж, за која гостите покажаа особен интерес, за начинот на којшто Општина Илинден се справува со зафаќањето, пречистувањето и одведувањето на отпадните води, преку примена на мали пречистителни станици кои се комплетно автоматизирани, што зафаќаат мал простор, имаат мала потрошувачка на електрична енергија и може да се надградуваат во согласност со зголемувањето на капацитетот на еквивалент жители.

На нивно големо задоволство претставниците на Општина Решетари, со засадување на неколку садници се вклучија во проектот „Со зеленило против загадувањето“ што континуирано веќе неколку години се реализира во Општина Илинден.

По потпишувањето на Спогодбата за меѓусебна соработка и пријателство меѓу Општина Илинден и Општина Решетари, со која се предвидени заеднички проекти во областа на културата, туризмот, стопанството, знаменитостите, образованието и спортот, како и унапредување на стопанството и социјалниот развој, континуирани се контактите меѓу двете општини и размената на искуства коишто даваат голем придонес во развојот на двете општини.  Општина Решетари, меѓу другото,  е трета општина во Република Хрватска по искористеност на средства од ЕУ, па оттука и размената на искуства околу начините на подготовка, аплицирање и реализација на проекти со средства од фондовите на Европската Унија е драгоцено за Општина Илинден.

Според изјавите на двајцата градоначалници ваквата плодна соработка, чии резултати се евидентни во повеќе области и се од интерес на граѓаните на двете општини, со несмалено темпо ќе продолжат и во иднина.

Find Us On...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Теми во фокусот на вниманието

Видео

Континуирано инвестираме во подобар и поквалитетен живот за сите во општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013