Prijavi problem

Дом на култура „Илинден“: Отворена изложба на слики од ликовната колонија „Карпино 2018“

Published on: 17.01.2019 - 10:52

Во организација на Општина Илинден и Националната установа - Центар за култура „Трајко Прокопиев” од Куманово, во Домот на култура „Илинден“ отворена е изложба на слики од 16-та меѓународна ликовна колонија „Карпино 2018“.

За значењето на ликовната колонија „Карпино“, како и за изложените дела создадени за време на колонијата, пред присутните зборуваа Роберт Цветковски кустос во Националната установа - Центар за култура „Трајко Прокопиев” од Куманово и Зоран Арсовски, претседател на мултимедијалниот центар Карпино. Збор зема и академскиот сликар Новица Трајковски, учесник на колонијата, кој зборувајќи за Карпино како едно од најзначајните духовни светилишта во нашата земја, истакна дека на тие простори посебни се и чувствата на уметниците, па оттука и не е чудно што нивните дела буквално зрачат, што е всушност и убавината, вредноста и тежината на сликите создадени на ликовната колонија „Карпино“.

На присутните им се обрати и градоначалникот Жика Стојановски кој им се заблагодари на сите што учествуваа во реализирањето на изложбата, преку која на еден ваков начин, на задоволство на граѓаните на Општина Илинден, успеваат да им го доловат амбиентот од Карпино.

Во галеријата на Домот на култура „Илинден“ се поставени 30-на дела изработени во техника акрил на платно и масло на платно направени за време на 16-та меѓународна ликовна колонија „Карпино 2018“ – Куманово, што се реализираше во периодот август-септември, минатата година.

Со свои дела на изложбата се претставени 14 автори од повеќе земји и тоа: Валентина Илијевска, Кристијан Поповски, Новица Трајковски, Марија Мицова Гацова, Мила Трендафиловска и Мирослав Величковски од Македонија, Невена Стефановиќ и Ратко Јанковиќ од Србија, Бранимир Лукиќ - Лука, Есма Шабиќ и Мирсад Џомбиќ од Босна и Херцеговина, Бисер Кирилов и Бисер Лапев од Бугарија и Снежана Мелник од Украина.

Изложбата, за сите љубители на уметноста, ќе биде отворена до 1. февруари годинава.

Find Us On...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Теми во фокусот на вниманието

Видео

Заврши литературната манифестација Илинден 2019
ilinden.gov.mk © 2013