Prijavi problem

Размена на искуства во искористувањето на средства од ЕУ со хрватските општини

Published on: 03.10.2018 - 09:14

Делегација на Општина Илинден, предводена од градоначалникот Жика Стојановски ја посети збратимената Општина Решетари од Република Хрватска, со која во 2012 година беше потпишана Спогодба за меѓусебна соработка и пријателство. Општината Решетари се наоѓа во западниот дел на Бродско-посавската жупанија во непосредна близина на Нова Градишка. 

Целта на посетата беше размена на искуства во начините на подготовка, аплицирање и реализација на проекти со средства од фондовите на Европската Унија. Општина Решетари е трета општина во Република Хрватска по искористеност на средства од ЕУ. За таа цел делегацијата на Општина Илинден беше запознаена со реализацијата на проекти во областа на комуналната и патната инфраструктура, образованието, енергетската обнова на јавните установи, заштитата на животната средина, како и во други области кои што се финансирани со средства од Унијата.

Оваа посета претставуваше големо позитивно искуство за Општина Илинден, бидејќи областите и големината на проектите што се реализираат во Општина Решетари се во голема мерка слични со областите и потребите за реализација на проекти во Општина Илинден. Искуствата се во насока да се имплементираат проекти во Општина Илинден со цел обезбедување на одржлив локален, економски рамномерен развој и просперитетна иднина на своите жителите, поради што Општината веќе има подготвено и изработено техничка документација, проекти и апликации во вредност од 11 милиони евра.

Престојот во Хрватска, исто така, беше искористен и за присуство на 21-та Меѓународна поетска манифестација во Решетари. Во рамките на манифестацијата на градоначалникот Жика Стојановски му беше доделено признание за поддршка и соработка во областа на културата, имајќи предвид дека и Општина Илинден веќе 19 години успешно ја реализира Литературната манифестација „Илинден“, на која редовно учествуваат писатели и поети од Општина Решетари.

Посетата на хрватската општина е резултат на досегашната успешна соработка меѓу Општина Илинден и Општина Решатари кои со потпишувањето на спогодбата за меѓусебна соработка и пријателство предвидоа со заеднички проекти во областа на културата, туризмот, стопанството, знаменитостите, образованието и спортот да се унапредува стопанството и социјалниот развој во двете општини.

Поврзано: Načelnik općine Ilinden (Republika Makedonija) u posjetu Općini Rešetari

Find Us On...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Теми во фокусот на вниманието

Видео

Свечено одбележан Денот на општина Илинден "Илинден 2-ри Август“
ilinden.gov.mk © 2013