Prijavi problem

Заврши 18-та Литературна манифестација „Илинден 2017“ која најде почесно место во календарот на македонските културни настани

Објавено на: 25.04.2017 - 12:34

Традиционално, како и во изминатите години, со разгледување на знаменитостите во Општина Илинден, локалните економски зони, излетничкото место кај Ајватовци, како и дружба со писателите во манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓија“ во Дељадровци, заврши годинешната 18-та по ред Литературна манифестација „Илинден 2017“.

Писателите ја искористија можноста за време на престојот во прекрасниот манастирски комплекс да го посетат вечното почивалиште на Митрополитот Полошко-Кумановски Господин Кирил, што се наоѓа во манастирскиот комплекс и да положат свежо цвеќе.

Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски на средбата уште еднаш да им се заблагодари на писателите, како и на Друштвото на писателите на Македонија за нивното учество на манифестацијата со што, како што рече, даваат огромен придонес во развојот на културата и афирмацијата на Општина Илинден.

Писателите искажаа големо задоволство што имаа можност да учествуваат на една ваква престижна манифестација која, како што изјавија, е од огромно значење за развојот на пишаниот збор и воопшто за културата во нашата земја и која прераснува во препознатлива манифестација која што веќе најде почесно место во календарот на македонските културни настани.

Цела недела Општина Илинден живееше во знакот на Литературната манифестација „Илинден 2017“. Создадена пред 18 години во чест на починатиот поет од Општина Илинден, Драган Крушкаровски, оваа денес препознатлива манифестација, уште еднаш ја оствари својата цел-интензивирање и промовирање на современите културни достигнувања.

За времетраењето на манифестацијата Општина Илинден  живееше и пулсираше во духот на културата, во духот на уметноста и пишаниот збор. Беше вистинска чест да се биде домаќин на врвни писатели и поети, на доајени на пишаниот збор не само од Македонија туку и од балканските држави, што само по себе овозможи Општина Илинден да стане центар на културата, центар на македонската и балканската поезија и проза.

Благодарејќи на богатата програма што ја понуди 18-та Литературна манифестација „Илинден 2017“, поклониците на пишаниот збор имаа ретка  можност да уживаат во голем број културни настани, но и да се запознаат со најновите прозни и поетски изданија, благодарејќи на Деновите на книгата, односно саемот на книгата што траеше во текот на целата седмица во Домот на култура „Илинден“ или, како што го нарече претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Веле Смилевски, храмот на културата во Општина Илинден.

Свеченото отворање на манифестацијата беше збогатено со промоција на поетската книга „Устата на јавето“ од Раде Силјан, за која промотивна реч одржа Веле Смилевски. Веднаш потоа беше отворена изложба на слики на ликовниот уметник Павле Кузмановски, а вечерта беше збогатена со музички колаж на Васил Атанасов.

Настаните, по два секој ден, кои што имаат за цел да го доближат пишаниот збор до што поголем број граѓани се редеа како на филмска лента: промоција на стихозбирката „Песна на ридот“ од Гордана Михаилова Бошнакоска, добитник на наградата „Ацо Шoпов“ за 2016 година, потоа средба и разговор со писателките Кристина Николовска, добитничка на наградата „Димитар Митрев“, како и со Лилјана Пандева, добитничка на наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија.

Како дел од Литературната манифестација „Илинден 2017“ се одржи книжевно пладне со писателот Александар Поповски, добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија.

Многу значаен дел и од годинешната 18-та по ред Литературна манифестација „Илинден“ беше традиционалното Литературно матине за деца, на кое настапија повеќемина  писатели за деца и млади. На Литературното матине беа доделени награди и пофалници за најуспешните творби на учениците, пристигнати на литературниот конкурс распишан од Општина Илинден.

Во рамките на манифестацијата во Домот на култура „Марино“ беше отворена втората Општинска библиотека со почетен фонд на книги донација од издавачката куќа „Матица Македонска“, а во која ќе се најдат и книгите обезбедени со манифестацијата „Подарете книга за Велигденско јајцe-Симбол на Хриството Воскресение“.

Сепак, централен настан на Литературната манифестација „Илинден 2017“ беше Поетскиот митинг „Стихови за душата на кој настапија 25 писатели од Македонија и од балканските држави. Овој величествен собир на реномирани автори кои оставија траги не само во домашната туку и во светската литература, ќе остане долго врежан во мислите на оние кои што ја имаа привилегијата да бидат дел од овој редок поетски хепенинг.

На сите учесници во манифестацијата градоначалникот Жика Стојановски им додели посебни признанија за особен придонес во афирмацијата на културниот развој на Општина Илинден.

Се на се, манифестација која ги оправда очекувањата и која, што е најважно ги доби најпозитивните критики од оние најповиканите, пистелите и поетите кои најавија дека ќе им биде чест и задоволство да бидат поканети и на идните литературни манифестации во Општина Илинден.

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

Водици 2017 во Општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013