Prijavi problem

Во празнична атмосфера масовно одбележано Богојавление-Водици

Објавено на: 19.01.2019 - 16:02

Жителите на Општина Илинден и оваа година, традиционално по 11 пат, масовно и во празнична атмосфера го одбележаа големиот православен празник Богојавление-Водици. Илјадници верници се собраа околу езерото на хотелот Белви, каде точно на пладне, по светата литургија, свештениците од црквата „Свети Константин и Елена“  го извршија чинот на осветување на водите, положувајќи го Богојавленскиот крст.

Студеното време не беше причина по крстот во водите на езерото да се фрлат 55 верници. Најсреќен меѓу нив кој прв стигна до Богојавленскиот крст беше 31 годишниот Дејан Ристовски, од н.м. Марино.

Се верува дека оној што ќе го фати Светиот крст ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.

За најсреќниот Ристовски кој за прв пат го фаќа крстот во своето петто учество на на оваа манифестација следуваа пригодни подароци од присутните верници на овој голем православен настан, меѓу кои беше и градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.

Она по што ќе остане забележана оваа манифестација е податокот што годинава по Богојавленскиот крст во езерото на хотелот Белви за прв пат се фрли и едно девојче. Станува збор за 15-ет годишната Ивана Станчева од населба Илинден

Како и секоја година за присутните на манифестацијата што ја организираше Општина Илинден во соработка со свештениците од црквата „Свети Константин и Елена“, беа обезбедени топли пијалоци, како и традиционалната пифтија.

Празникот Водици-Богојавление народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа, кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.

Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица)... На овој ден во сите храмови и цркви се осветува вода која луѓето ја земаат за во своите домови.

Верниците на Богојавление се поздравуваат со „Бог се јави“ и „Вистина се јави“.

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

Заврши литературната манифестација Илинден 2019
ilinden.gov.mk © 2013