Prijavi problem

Величествен поетски митинг „Стихови за душата“ во Домот на култура „Илинден“

Објавено на: 23.04.2017 - 10:27

Со стихови испеани од 25 автори од Македонија и од балканските држави на централниот настан-Поетскиот митинг „Стихови за душата“, беше заокружена  18-та Литературна манифестација „Илинден 2017“, што се одржа во Домот на култура „Илинден“

Прекрасната поетска вечер понуди величествена и незаборавна претстава во која присутните вљубеници во пишаниот збор просто ги впиваа стиховите на поетите проследени со звуците на гитарите. Со разгалени срца, ретко кој остана рамнодушен на создадената атмосфера.

А, можеше ли да биде поинаку ако се знае дека меѓу оние што настапија на поетскиот митинг беа и доајените на пишаниот збор како Иван Чаповски, Паскал Гилевски, Веле Смилевски, Раде Силјан, Гордана Михаилова Бошнаковска, Ефтим Клетников... гостите од Бугарија Ирина Александрова и Светислав Славов, Литов Ли од Монголија, Олга Панкина од Русија, Љерка Тот Наумова од Хрватска, Ванчо Накев од Шведска... потоа Братислав Ташковски, Панде Манојлов, Бранко Цветковски, Анита Бошкова, Борче Панов, Кристина Николовска, Игор Крајчев, Филип Клетников, Марина Мијакоска, Ели Маказлиева, Ленче Милошевска...

Вечерта ја отвори покровителот на Литературната манифестација „Илинден 2017“, градоначалникот на Oпштина Илинден, Жика Стојановски, кој истакна дека е особено среќен што ја има честа да го отвори овој величествен настан, овој празник на пишаниот збор - поетскиот митинг „Стихови за душата“.

- Во изминатите 18-ет години на сцената на Литературната манифестација „Илинден“ се претставија стотици писатели, поети, доајени на пишаниот збор кои што се втемелија во оваа манифестација, оставајќи траен, неизбришлив  белег, за што сме им бескрајно благодарни. Многумина автори ја носат заслугата за тоа што е денес Литературната манифестација „Илинден“. Многумина вложија многу труд за да го постигнеме нивото што го имаме денес. Тоа беше наш поттик да се трудиме оваа манифестација од година во година да биде што подобра, да внесуваме нови содржини во кои што ќе се пронајдат сите генерации. Да се трудиме да направиме престижна културна манифестација со која што ќе се гордееме.

Мислам дека успеавме во тоа. Цела седмица додека трае литературната манифестација, во Општина Илинден се случува вистински празник на книгата. Тоа беше нашата главна цел кога ги поставувавме темелите на оваа манифестација. Да го доближиме пишаниот збор до што поголем број граѓани, истакна градоначалникот Стојановски.

Тој ја искористи можноста да искаже голема благодарност до Друштвото на писателите на Македонија без чија поддршка, како што рече, Литературната манифестација „Илинден“ ни оддалеку немаше да биде она што е денес.

На присутните во името на Друштвото на писателите на Македонија им се обрати претседателот Веле Смилевски, кој не го криеше задоволството што е дел од еден ваков голем поетски настан, што се случува, како што рече, во храмот на културата во Општина Илинден.

На сите учесници во манифестацијата градоначалникот Жика Стојановски им додели посебни признанија за особен придонес во афирмацијата на културниот развој на Општина Илинден.

 

Поетскиот митинг „Стихови за душата“ беше заокружен со музички колаж на Васил Атанасов и Скопску дувачки квинтет. 

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

Отчет 2013-2017
ilinden.gov.mk © 2013