Prijavi problem

Успешно реализиран меѓународниот проект Мост на пријателство меѓу Општина Илинден и Општина Решетари, Хрватска

Објавено на: 31.05.2017 - 12:25

Учениците од ООУ „Гоце Делчев“ со возвратна посета на своите врсници од ОУ „Анте Старчевиќ“ од Општина Решетари, Хрватска, ја заокружија реализацијата на меѓународниот проект Мост на пријателство: Илинден-Решетари.

Пред неколку месеци основните училишта ООУ „Гоце Делчев“ од Општина Илинден и ОУ „Анте Старчевиќ“ од Општина Решетари, од Бродско-Посавската жупанија во Хрватска, во рамките на меѓународниот проект Мост на пријателство, потпишаа Спогодба за меѓусебна соработка чија основна цел беше размена на разбирање и почитување на различните култури, на културното наследство на местото, на родниот крај, на татковината како што се: фолклор, музика, традиција и обичаи, потоа запознавање со другите oбразовни системи, поттикнување на мобилноста на учениците и наставниците, како и размена на европска соработка  во областа  на образованието.

За време на престојот во Решетари учениците учествуваа во работилницата „Исти и различни зборови во македонскиот и хрватскиот јазик“, а сработеното од работилницата го презентираа на приредбата по повод патрониот празник на ОУ „Анте Старчевиќ“. Годинава на приредбата што беше организирана и во чест на успешното завршување на меѓународниот проект Мост на пријателство, учениците од ООУ „Гоце Делчев“ се претставија со македонски ора, како и со читање на свои лични творби.

На приредбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Решетари, Златко Ага, кој организираше и прием за гостите од Општина Илинден.

По повод Денот на училиштето „Анте Старчевиќ“, на Општина Илинден, како и на градоначалникот Жика Стојановски, им беа доделени посебни признанија за успешната реализација на меѓународниот проект Мост на пријателство.

Во рамките на престојот во Решетари, учениците го посетија и споменикот на Тоше Проески што се наоѓа во Нова Градишка, при што положија свежо цвеќе. Со своите домаќини го разгледаа и главниот град на Република Хрватска Загреб, при што меѓу другото, ја посетија Катедралата, плоштадот Бан Јелачиќ, Центарот, железничката станица...

Гостите од Општина Илинден си заминаа од Решетари со прекрасни спомени од преубавото место, но и многу љубезните домаќини, па затоа и не чуди тоа што на  испраќањето имаше и по некоја солзи, но и ветувања за повторни дружења.

Реализацијката на меѓународниот проект Мост на пријателство: Илинден-Решетари е резултат на успешната соработка по збратимувањето на двете општини и потпишувањето на Спогодбата  за меѓусебна соработка и пријателство во 2012 година.

 

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

Водици 2017 во Општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013