Prijavi problem

Отворена изложба на уметници од општина Илинден

Објавено на: 25.12.2017 - 14:04

Во организација на општина Илинден, а по повод Новогодишните и Божикните празници, во галеријата на Домот на култура „Илинден”, отворена е изложба на дела на уметниците од Општина Илинден. Во присуство на голем број љубители на уметноста,  изложбата ја отвори градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски.

Заблагодарувајќи им се на учесниците на изложбата, градоначалникот Стојановски го потенцираше значењето на овој настан кој, како што рече, е извонредна можност за промоција и афирмација на  уметниците од општина Илинден.

-Сакам да им честитам на сите учесници на изложбата и да им посакам и натаму да не се колебаат, туку уште повеќе да се надградуваат, да инвестираат во себе. Со инвестирањето во себе тие инвестираат во локалната заедница, во развојот и афирмацијата на нашата општина. Општина Илинден ќе продолжи да инвестира во културата, зашто наша цел е на помладите генерации да им оставиме подлога врз која ќе продолжат да се афирмираат, истакна градоначалникот Стојановски

За оваа веќе традиционална изложба на која своите дела ги изложуваат автори од општина Илинден, без оглед на тоа дали професионално или, аматерски се занимаваат со уметност, пригоден збор одржа академскиот сликар Новица Трајковски. Посетителите на оваа оригинална по својот карактер изложба, можат да видат 40-на дела на 12 автори од  областа на сликарството, скулптурата и копаничарството.

На изложбата, со свои дела се претставија Зоран Трпевски, Блаже Донев, Новица Трајковски, Катерина Трајковска, Ненад Божиновски, Аце Ѓорѓиевски, Снежана Колевска, Марјан Ристовски, Виолета Арсовска, Борче Пешевски, Тоде Илиевски и Никола Васиљевиќ.

За време на изложбата специјална жири комисија избра две најдобри дела, за чии автори Зоран Трпевски и Блаже Донев, како награда следува самостојна изложба во Домот на култура „Илинден“, што ќе се реализира во наредниот период.

Ова е втора изложба на уметниците од општина Илинден што се одржува по повод Новогодишните и Божикните празници. Со организирањето на овој настан кој стана традиција во промовирањето на современите културни достигнувања на Општината, општина Илинден уште еднаш покажува дека еден од нејзините приоритети и натаму останува развојот на културата и зачувувањето и негувањето на традицијата и традиционалните вредности.

Изложбата ќе биде отворена до крајот на месец јануари, 2018 година.

За ГАЛЕРИЈА кликај ТУКА

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

Свечено одбележан Денот на општина Илинден "Илинден 2-ри Август“
ilinden.gov.mk © 2013