Prijavi problem

Oдбележан Свети Трифун и Денот на лозарите

Објавено на: 18.02.2019 - 11:30

 

Во населеното место Ајватовци традиционално беше одбележан православниот празник Свети Трифун и Денот на лозарите. Прославувањето почна со Божествена литургија, што пред голем број верници ја одржаа свештениците од Македонската православна црква-Охридска архиепископија во црквата „Свети Трифун“. Веднаш по литургијата на која беше избран и новиот кум на манифестацијата за идната година, се одржа симболичното традиционално закројување на виновите лози во дворот на црквата „Свети Трифун“.

Составен дел и на годинешното одбележување на Денот на лозарите беше   изборот на најдобро домашно приготвено вино на традиционален начин, кое се одржа по шести пат. На своевидниот фестивал на виното учествуваа десетина винопроизводители, а за изборот на најдоброто вино се погрижија, како и години наназад, членовите на „Винско витештво“ од Македонија - здружение кое што се грижи за промоција на македонското вино и на македонската култура.

За најдобро беше прогласено виното на Тодорче Ѓорѓиевски од Бунарџик, на второ место беше виното на Бранислав Ванчевски од Ајватовци, а третото место го освои Ѓорѓи Цветановски од Миладиновци. Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски на сите учесници во изборот на најдобро домашно приготвено вино им додели посебни плакети.

Истовремено, благодарници за особен придонес во развојот на населено место Ајавтовци, возобновување на црквата „Свети Трифун“ и изградба на манастирот „Свети Петар и Павле“, им беа доделени на повеќемина жители на ова населено место.

На презентацијата на домашно приготвените вина на традиционален начин евидентно беше дека производителите на вино во домашни услови од година во година произведуваат се поквалитетни вина. Според членовите на „Винско витештво“, квалитетот на домашните вина за разлика од претходните години е на уште повисоко ниво, па затоа не изненадува податокот што во последно време токму од домашните семејни винарии излегуваат многу поквалитетни вина.

Одбележувањето на Свети Трифун во Ајватовци е продолжение на наследената традиција која влече корени во подалечното минато. Празникот Свети Трифун главно е познат по обредното закројување на лозјата, едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, Свети Трифун бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и слично), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи. Затоа, винарите го слават како свој патрон и на неговиот ден одат на лозјата, ги закројуваат лозите и ги залеваат со вино.

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

Со концертот на групата NEXT TIME - одбележан денот на општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013