Prijavi problem

Масовно и во празнична атмосфера одбележано Богојавление-Водици

Објавено на: 19.01.2020 - 19:16

Со осветување на водите на езерото на хотелот Белви, што го извршија свештениците од црквата „Свети Константин и Елена“, жителите на Општина Илинден во празнична атмосфера го одбележаа големиот христијански православен празник Богојавление – Водици. Илјадници граѓани учествуваа во оваа традиционална манифестација којашто во Организација на Општина Илинден, во соработка со свештениците од црквата „Свети Константин и Елена“ се одржува по 12-ти пат.

Точно на пладне, по светата литургија, како што е обичајот, Богојавленскиот крст беше положен во водите на езерото, а по него се фрлија 45 верници. Најсреќен меѓу нив беше   24 годишниот Марио Димитријевски, од нас. Илинден, кој по петти пат го фати Богојавленскиот крст.

Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Затоа се верува дека оној што ќе го фати Светиот крст ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година.

За најсреќниот следуваа пригодни подароци од присутните верници на овој голем православен настан, меѓу кои беше и градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.

За присутните на манифестацијата, како и секоја година беа обезбедени топли пијалоци, како и традиционалната пифтија.

Празникот Водици-Богојавление народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа, кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.

Верниците на Богојавление се поздравуваат со „Бог се јави“ и „Вистина се јави“.

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

„Најдобриот работник“ во Општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013