




Дом на култура „Илинден“: Отворена изложба на слики од Третата ликовна колонија во Радовиш
Објавено на: 14.11.2018 - 13:52
Во организација на Општина Илинден и Домот на култура „Ацо Караманов” oд Радовиш, во Домот на култура „Илинден“ отворена е изложба на слики од Третата меѓународна ликовна колонија во Радовиш, „Свети Георгиј”. Изложбата, во присуство на градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски и повеќемина љубители на ликовната уметност, ја отворија претседателот на Здружението на ликовните уметници на Радовиш, Душко Коцев и учесникот на колонијата уметникот од Монголија, Летив Намдагжанчивин, кои со пригодни зборови ги запознаа присутните со содржината и значењето на оваа меѓународна изложба. На изложбата се претставени 43 дела во маслена, акрилна и комбинирана техника на повеќе реномирани сликари од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија и Монголија, учесници на ликовната колонија што се одржа во периодот од 28 мај до 3 јуни 2018 година во манастирскиот комплекс „Св. Георгиј“ - Ораовица, Радовиш. Во галеријата на Домот на култура „Илинден“ посетителите можат да уживаат во делата на 17 уметници - Душан Коцев, Крсте Тарабунов, Марјан Крстев, Ѓорѓе Атанасов, Новица Трајковски, Стефан Хаџи Николов, Цветанка Јованова, Владимир Темков, Ангел Коруновски, Запро Запров, Мики Трендафиловски, Летив Намдагжанчивин, Евгениј Петров, Јелена Вусуровиќ, Наташа Радосављевиќ, Мариана Везарова и Мита Ристиќ.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на овој месец. |
LanguagesпребарувањеТеми во фокусот на вниманието
НастаниИзвестувања
ГалерииВидео
Континуирано инвестираме во подобар и поквалитетен живот за сите во општина Илинден
|