Prijavi problem

Делегација на Општина Брежице од Словенија во посета на Општина Илинден

Објавено на: 02.04.2019 - 14:42

На иницијатива на амбасадорот на Република Словенија во нашата земја, проф. д-р Милан Јазбец, делегација на Општина Брежице од Република Словенија, предводена од градоначалникот Иван Молан ја посети Општина Илинден при што оствари средба со градоначалникот Жика Стојановски.

Оваа прва средба, како што истакнаа двајцата градоначалници, отвора можности за соработка меѓу двете општини во повеќе области и реализација на заеднички проекти во интерес на граѓаните на Брежице и на Илинден.

Градоначалникот Стојановски го запозна гостинот од Словенија со профилот и капацитетите на Општина Илинден, му ги презентираше можностите што ги нудат локалните економски зони, а го запозна и со реализацијата на капиталните проекти во областа на комуналната и патната инфраструктура, образованието, детската заштита, културата и заштитата на животната средина.

Во рамките на посетата делегацијата од Словенија го посети Домот на култура „Илинден“, како и Средното општинско стручно училиште „Илинден“, во чија изградба со грант од 500 илјади евра учествуваше и словенечката влада,  како дел од реализираната билатерална соработка меѓу нашата влада и Владата на Република Словенија. 

-На оваа прва средба со гостите од Словенија ги презентиравме можностите и капацитетите на Општина Илинден. Искуствата од работењето на Општина Брежице ќе придонесат за реализација на проектите што се зацртани во нашиот Стратешки план за локален економски развој. Благодарност до неговата екселенција, амбасадорот проф. д-р Милан Јазбец за неговата иницијатива за оваа средба со која сака да ги обедини добрите страни и можностите на двете општини, во интерес на граѓаните и на Општина Илинден и на Општина Брежице, истакна градоначалникот Стојановски.

Гостите од Словенија ја посетија и локалната економска зона Марино-Кадино, во која во тек е интензивна изградба на повеќе стопански капацитети. Притоа, во чест на оваа прва посета на Општина Илинден, како симбол на новото пријателство, градоначалниците Стојановски и Молан, како и амбасадорот Јазбец посадија дрвце-чинар, со што дадоа свој придонес во проектот за почист воздух, „Со зеленило против загадувањето“  што континуирано се реализира во Општина Илинден.

-Нас ни се потребни нови проектни партнери за реализација на повеќе проекти со средства од европските фондови. Такви партнери имаме во повеќе држави, а по денешната средба верувам дека еден од нив ќе биде и Општина Илинден која ја одбравме како една од подобрите општини по развиеност во Македонија. Мислам дека Општина Илинден е вистинската Општина бидејќи веќе има одредени искуства во оваа област. Мостовите се поставени и мислам дека пред европските фондови можеме да застанеме со некои добри заеднички проекти, рече градоначалникот на Општина Брежице, Иван Молан.  

Амбасадорот на Република Словенија во нашата земја проф. д-р Милан Јазбец истакна дека посебно ми е мило што е чест гостин на Општина Илинден.

-Во денешното садење на чинарот овде во Општина Илинден има извесна симболика бидејќи во центарот на Брежице, како и во паркот постои дрворед токму од големи чинари. Се надевам дека и овој парк овде што се гради ќе потсетува на нешто словенечко. Ме радува што можев да придонесам да се роди соработка меѓу овие две општини, особено што јас сум од Општине Брежице, изјави амбасадорот Јазбец.

Посетата на делегацијата од Општина Брежице е резултат на досегашната успешна и плодна соработка на Општина Илинден и претставниците на словенечката амбасада во нашата земја, и воопшто соработката со Република Словенија.

Општината Брежице има околу 25.000 жители, по големина слична на Општина Илинден, и се наоѓа  на југот на словенечката покраина Штаерска, на 7 километри западно од хрватската граница. Во Брежице се наоѓа и познатиот факултет за туризам, на кој во моментот студираат и неколкумина студенти од Македонија.

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

Со концертот на групата NEXT TIME - одбележан денот на општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013